Голем интерес кај струмичките земјоделци за договорното производство на органска пиперка

Вести

Неодамна струмичките градинари, производители на конвенционална пиперка имаа можност директно да се запознаат со проектот Договорно производство на органска пиперка – ајварка. На средбата која ја организираше платформата Агротим, струмичките градинари се информираа за условите, начинот и предностите на овој модел на земјоделско сигурно производство.

Покрај начинот и чекорите како до органски производ, тема на средбата беше и предноста на договорното производство и развивањето на партнерскиот однос со откупувачите.

-За нас земјоделците нема подобро решение од договорното производство. Така ќе бидеме сигурни колку и за кого да произведеме. Особено органското производство за кое сме свесни дека се повеќе се бара на европските пазари. Затоа постои интерес кај нас и планираме неколку земјоделци што сега произведуваме и по 100 тона пипер, да се приклучиме во овој проект следната 2022 година. Затоа добри се овие средби каде можеме да прашаме како се одвива цела постапка околу регистрација за органски производител и добивање на сертификат за органски производ – изјавија земјоделските прозводители.

Недовербата сеуште постои, како кон откупувачите и преработувачите, така и кон своите колеги земјоделци поради што досега тешко се одлучуваа на здружување и заеднички настап.

Токму затоа овој начин на промоција на предностите на органското производство како и на моделот за договорно производство, наиде на голем интерес од страна на земјоделците.

-Органското производство ниту има поголеми трошоци, ниту пак е деликатно. Тоа е само начин на производство каде агротехничките мерки се изведуваат по претходно утврдена програма со која не смее да се ушотребуваат хербициди. Тука сме за вас не само за теоретскиот дел туку и за на терен, да го водиме вашето производство – изјави Ангела Ѓеровска, советничка за органско производство.

На средбата ги повторија проблемите кои ги имаат со години, познатите негативни искуства со неплаќање од страна на откупувачите но и диктирање на цената од трговците кон која се немоќни.

-Познати ни се состојбите на оваа тема, можеби дел поткрепени со нашиот менталитет, тешки на промени, недоверливи и секогаш се тргнува со негативното – а ако не успее? Во овој дел сакам најмногу да влијаам, дека мора да се менуваат навиките, мора да се здружуваат земјоделците, заеднички да настапуваат. Исто така мора да се врати довербата кон откупувачите и преработувачите бидејќи кога таа релација ќе биде партнерска, резултатите сигурно ќе има. Едноставно мора да се проба и да се размислува позитивно во насока на менување на нештата и на создавање – потенцираше Ленче Николовска од Агротим.

Не изостана ни самокритиката дека и тие конечно треба да се менуваат, дека е сега ова ново време кое особено бара стандардно производство, исполнување на европски услови и особено органски производи, посебно барани на европските пазари.

За да можат преработувачите да имаат домашна суровина за преработка која е најдобра и најсигурна, тука треба да се земјоделците кои ќе ја испорачаат таа роба, по претходно договорена цена, која ќе одговара на двете страни. За државата ова значи едно организирано производство и насочување на субвенциите кон тие производи кои ќе бидат дел од договорното производство.

На овој начин земјоделските производители и агробизнисмените, не само субвенциите туку и сите други мерки и средствата од Владата ќе можат да ги користат за модернизирање на производството, истакна Билјана Џима, директорка на консултансткиот центар АГРОКУЛТУРА.

-Знаеме дека има добри мерки од Владата, кредитни линии и грантови како и средства од ИПАРД програмата, затоа ве охрабрувам да се интересирате, да аплицирате и да ги користите овие поволности за модернизирање на производството и поголем профит од вашата работа и бизнис. Ние сме тука да ви помогнеме се што треба околу навремените информации и подготовка на апликациите – изјави Џима.

Проектот Договорно производство на органска пиперка ајварка e на иницијатива на Агротим, а во соработка со преработувачки капацитети, советничката за органско производство Ангела Ѓеровска и земјоделски производители од неколку региони.

Активноста се спроведува со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост – И.М.Е Програма.

Органските земјоделски производи како и нивни преработки последниве години се доста барани на европските и светските пазари.

Нашите земјоделци имаат поволни почвено – климатски услови за органско производство, а како поволност се и високите субвенции за ова производство.

Конкретно, доколку се одлучите да произведувате органска пиперка од сортата куртовска капија, тогаш имате 60 000 денари од хектар (за 100% повисоки субвенции од конвенционалното производство кое изнесува 30 000 денари од хектар).

Доколку површината ви е од 1 до 5 хектари, тогаш имате 72 000 денари од хектар.

Ова зголемување е со цел да се зголемуваат површините кај малите земјоделски стопанства.

На оваа сума од 72 000 денари за хектар со органска пиперка куртовска капија, има и дополнителни субвенции од 6 денари (100% повеќе од конвенционално произведени) за предадени во преработувачки капацитет.

Пример, ако предаде 5 000 килограми од хектар, ќе добие плус 30 000 денари. Или заедно со субвенциите по површина вкупно 102 000 денари или 1 700 евра.

Државна поддршка има и за преработувачот доколку е регистриран за органско производство. За преработка на органски производи и органски производи во преод, поддршка до 10% од произведените до максимум од 150 000 денари по оператор.

Исто така, земјоделскиот производител има субвенции од 50%, има и за добивање на сертификат за органски производ.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *