Завршува рокот за апликација на вториот повик на ФИТР за комерцијализација на иновации

Вести

Вториот повик од Планот за економски раст на Владата наменет за кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации завршува денеска. Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски вели дека има најава за голем интерес на компаниите со што очекуваат дека буџетот за годинава од 12,5 милиои евра на Фондот ќе биде исцрпен.

Вкупен износ на средства на вториот јавен повик во рамките на ПЕР, е пет милиони евра од кои два милиона се обезбедени од Светска банка. Повикот е наменет за  микро, мали и средни претпријатија и приватни здравствени установи (ПЗУ) со доминантна домашна сопственост што сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес.

Со овој повик, Владата обезбедува до 70 отсто кофинансирање за микро и мали, односно до 60 отсто за средни компании во максимален износ од 20 милиони денари. Средствата ќе се исплаќаат на квартална основа, согласно динамиката на реализација на проектниот план, по претходна уплата на сопственото учество на компанијата и извршен мониторинг на реализација на активностите од страна на Фондот.

Целта на Инструментот е да поттикне зголемување на активности за истражување и развој во приватниот сектор, да се охрабри меѓусебна соработката на компаниите, соработка со високообразовните и научноистражувачките установи, како и останати форми на соработка за комерцијализација на иновации

Вториот јавен повик беше отворен од 30 март 2019 година.

Евалуацијата на пристигнатите инвестициски предлози ќе се врши во две фази: првата фаза на претселекција ќе ја вршат надворешни стручни лица, домашни експерти од 22 економски дејности. Во втора фаза, проектите ќе ги разгледува Комитетот за одобрување инвестиции, составен од пет странски експерти, кој ја носи конечната одлука за финансирање. Компаниите и нивните инвестициски предлози ќе се оценуваат по пет категории: степен на иновативност, квалитет на подготвен проект, потенцијал на пазарот, капацитет на апликант и влијание на проектот.

Деспотовски најави дека доколку се исцрпат средствата за годинава ќе побараат дополнителни средства за нови повици во текот на оваа година.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *