Како да се вратат на нивите: сè помалку памук, шеќерна репа, сончоглед, афион

Вести

Шеќерна репка, сончоглед, афион, соја, лен, памук, сусам, маслодајна репка-дел од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, дел се помалку се сеат, а површините со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. Од друга страна Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи од овие индустриски култури, и покрај тоа што има услови за домашно производство.

-Во периодот од 2007 до 2012 година комерцијално се одгледуваат само дел од маслодајните култури (сончоглед, маслодајна репица, нешто кикиритки, но само како деликатесен зрнест производ), афионот и тутунот.  Влакнодајните растенија (памук, коноп и лен), се целосно исчезнати од производството, со  исклучок на памукот кој се има одгледувано на мала површина, кај еден производител во реонот на Штип во текот на 2012 година, вели професор д-р Златко Арсов, од Факултетот за земјоделски науки и храна. 

Во 2007 година површините под индустриски култури изнесуваат 17.579 хекатри, од кои 82,04 се во индивидуалниот сектор, 17,96 % во деловниот сектор. Иако ваквите податоци укажуваат на тоа дека индивидуалниот сектор е носител на производството во индустриските култури, сепак таквиот голем процент е резултат на производството на тутунот, култура  која е застапен на 2/3 од површините под индустриски култури. Според податоците од Државниот завод за статистика површините под индустриски култури за периодот 2010-2012 година (освен површините под тутун) бележат големи осцилации. Од индустриските култури, шеќерната репка е исчезната од производство. Просечната годишна површина под индустриски култури без тутун во периодот 2010-2012 година изнесува 5524,7 хектари.Според анализите на аегроекспертите, доколку се направи споредба на застапеноста на индустриските клутури во 2007 година кога за нив немаше субвенции, и нивната застапеност во периодот од 2010 до 2012 година кога имаше субвенции, ќе се забележи дека и покрај субвенциите површините освен под тутун, останатите стагнираат. Во Програмата за финансиска поддршка на земјоделството последниве години се предвидени субвенции за индустриски култури, но зошто земјоделците немаат интерес за производство на овие култури? Според агроекспертите има повеќе фактори што придонесле за некои од индустриските култури тотално да исчезнат од нивите или пак површините да се намалуваат.

– Во 2007 година индустриските култури во двата сектори зафаќале површина од 17579,26 хекатри, ако се одбијат површините под тутун кои во тоа време изнесувале 12.190,44 хектари произлегува дека сите останати индустриски култури зафаќале површина од 5.388,82 хекатри. Во 2012 година индустриските култури зафаќале површина од 25.799 хекатри, ако се одбијат површините под тутун кои изнесуваат 19.656 хектари, произлегува дека останатите индустриски култури зафаќале површина од 6.966 хекатри или тоа е зголемување за само 135 хектари во однос на 2007 година. Значи производството на индустриските култури воопшто не напреднало и е исто како и во 2007 година, пред воведувањето на субвенциите. Субвенциите, освен за тутунот не придонеле кон зголемување на површините под индустриски култури. Тоа значи дека причините треба да се бараат во нешто друго. Тие други причини, според наше мислење се: ниски приноси кај маслодајните култури,  ниски откупни цени на индустриските култури и слободен увоз на суровини од индустриските култури, конкретно тоа е увоз на маслодајни семиња и увоз на на нерафинирано масло за исхрана, со што откупната цена се одржува на ниско ниво, објаснува универзитетскиот професор Арсов. Седум години нема ниту хектар со шеќерна репа

Од некогашните 2.000 хекатри, во 2007 година површините со шеќерна репа изнесувале само  345 хектари. По 2008 година шеќерната репа до денес не е посеан ниту хекатр со оваа култура, шеќерната репа комплетно исчезна од македонските ниви. Во Пелагонија некогаш оваа култура претставуваше главен фактор во земјоделството бидејќи вклучуваше бројна работна сила, беше корисна за сточарството, за плодоред и други бенефити.

-Причините  за тоа се: ниските откупни цени и увозот на нерафиниран шеќер кој потоа се користи за преработка во единствениот капацитет за шеќер (Фабриката за шеќер во Битола).Од тие причини, шеќерна репа по 2008 година па се до денес не е сеана. За други информации фабриката за шеќер во Битола не е достапна, вели универзитетскиот професор  Арсов. Минатата година заменикот министер за земјоделство, престатвниците на земјоделските асоцијации и најголемиот производител ЗК “Пелагонија“, имаа средба  со менаџерите на Фабриката за шеќер од Битола, на која се отвори прашањето како да се врати оваа култура на нивите.Владата најави мерки, а од шеќераната побараа предуслови со системски решенија заради надминување на пазарните дизбаланси во бизнисот со шеќер. Според статистичките податоци, за увоз на шеќер, преработки од шеќер и мед во 2006 година се одлеале над 26 милиони евра. Од година во година увозот расте, така во 2013 година за оваа намена се потрошиле нешто повеќе од 43 милиони евра.

Се намалуваат површините со сончоглед

Сончогледот е најзначајна маслодајна култура. Се одгледува главно во пелагонискиот регионот, а помалку во  кумановскиот и до одреден степен, овчеполскиот регион. Сончогледот се користи за производство на масло за јадење и пита од ќуспе како добиточна храна, но исто така е потенцијална култура од интерес за производството на био-дизел. Во периодот од 1989 до 1992 година во Македонија имало околу 30.000 хекатри со сончоглед, но годините потоа површините бележат континуиран тренд на опаѓање. Во периодот 2001 – 2006 година просечните површини изнесувале 5.352 хектари, во 2007 година со сончоглед имало 3.492 хекатри, во 2009 година површините се зголемиле на  4.211 хектари, за во 2013-та година повторно да се намалат и тоа на 2.481 хектари.

-Намалувањето на површините со сончоглед може да се припише на делувањето на повеќе фактори. Главно тоа се надворешни фактори и тоа движењата на цените на светскиот пазар на семе од маслодајни култури и цените на суровото масло. Од внатрешните фактори би ги издвоиле застарена и недоволна механизација (прецизни сеалки и наменски комбајни), користење на нископриносни сорти, доцнење со плаќањето од страна на преработувачите и во одредени години ниската откупна цена.Сето ова, особено конкуренција со увезеното сурово сончогледово масло со пониски цени, што ја прави културата непрофитабилна за фармерите. Во однос на увозните царински давачки, се применува 0 % за сончогледови зрна и семе од други маслодајни растенија, како и за нерафинираното и рафинирано масло од сите маслодајни култури, освен маслиново семе кои подлежи на 10 % царински давачки, вели универзитетскиот професор, Арсов.

Според податоците, просечното годишно производство на сурово масло изнесува 2.902 тони што не е доволно за да се покријат потребите на македонските фабрики за масло со суровина за рафинирање, поради што компаниите увезуваат сурово масло кое потоа се рафинира.според анализите на експертите, ако во Македонија не се увезува сурово масло за рафинирање, во тој случај потребите од масло за јадење од домашно производство се задоволени со само 9 %. Токму зависноста од увоз на сурово масло влијае и врз ценовните осцилации  на маслото за јадење. Според податоците највисоки просечни малопродажни цени има во 2008 година (89,64 ден/литар), а најниски се забележуваат во 2009 година и изнесуваат 62,22 ден/литар. Експертите велат дека оваа голема нестабилност главно произлегува од тоа што производството на рафинирано масло базира на увозно сурово масло, а не на сочоглед од домашно производство.

-Производството на главните маслодајни култури (сончоглед и маслодајна репка) треба значително да се развие, како во однос на засадените површините, така и во однос на приносите за да се замени увозот и за нивната повеќенаменска употреба (масло за јадење, маслени пити како добиточна храна, производство на био-дизел, и добиточна храна од маслодајната репка). Исто така, маслодајните култури отвораат можности за плодоред и овозможуваат подобро искористување на капацитетите на постојната преработувачка индустрија. Треба да се продолжи поддршката со директни плаќања по засеана површина за производителите кои ги одгледуваат овие култури. Потоа да има задолжително производство на сончогледово масло од домашно семе во релативен однос од 30 % од вкупното производство на рафинирано масло. Со воведување на оваа мерка домашните капацитети постепено ќе се ориентираат на сончогледово семе од домашно производство и ќе инвестираат и во погони за екстракција-цедење на маслото, не како досега само во рафинерии. Воведување на царински давачки или прелевмани од најмалку 10% на увезени меркантилни семиња од сончоглед. Исто така и воведување на царински давачки или прелевмани од најмалку 10% на суровото масло од сончоглед. Реинвестирање на тие средства кај нашите производители. Овие давачки би требало секоја година да се преиспитуваат и да се нивелираат. Со воведување на овие давачки би се стимулирало домашното производство и домашните капаците би се ориентирале кон домашна суровина. Причина за воведување на царински давачки или прелевмани наоѓаме во фактот што и во изминатиот стратегиски период (2007-2013 година), е констатирано дека немало царински давачки за маслодајните семиња и суровото масло и со тоа ништо не е постигнато во доменот на примарното земјоделско производство, објаснува професорот Арсов.

Минимални површини со афион

Афионот е  индустриска култура која има двојна намена, за производство на семе, односно масло и за чушка која служи како суровина за добивање на морфиум и други алкалоиди потребни за изработка на различни лекови. Таа е една од најстарите земјоделски култури кои се одгледувале и се користеле. Поради ширењето на употребата на опојни дроги, кај нас уште од 1973 година со закон е забрането засекувањето на афионските чушки, за добивање на опиум. Во сегашниот период во фармацевтската индустрија со посебна индустриска постапка се врши екстракција на алкалоидите од  зрелите и суви чушки кои остануваат по вадењето на семето. Откуп на афион (афионови чушки) за производство на опојни дроги може да вршат правни лица кои имаат  одобрение  и  се  регистрирани  од  Министерството  за земјоделство, шумарство  и  водостопанство. Производството на афион е регулирано со посебен закон и правилник. Во Македонија единствен откупувач на афионови чушки и единствен производител на алкалоиди  е компанијата “Алкалоид”, која за задоволување на сопствените потреби од алкалоиди преку кооперантски односи организира производство на афион кај земјоделците. -Моменталното производство на афионови чушки во земјата според информациите од АД Алкалоид Скопје, не задоволува. Во одредни години кога површините биле на ниво од околу 1000 ха, тоа било доволно. Но, во последните неколку години поради намаленото производство, неминовно би се појавила потреба од увоз на афионови чушки. Како фирма се заинтересирани за зголемено производство на афион и се проценува дека може да откупи и преработи афионови чушки ако тој би се одгледувал на површина до 2000 хектари.Причините за намаленото производство главно лежат во трудоинтензивноста на самото производство, нискиот степен на механизираност и ниските откупни цени како на афионовата чушка, така и на семето. Исто така од  Алкалоид АД Скопје, сметаат дека субвенционирањето по единица површина во овој момент е нестимулативно. Според нив многу поголеми ефекти би се добиле ако примени типот на субвенционирање како кај тутунот, односно да се исплаќа субвенција по килограм откупени афионови чушки. Главна причина за драстичното намалување на површините под афион според наше мислење е ниската откупна цена афионовата чушка, но и одредени законски решенија. Во 2010 година стапува на сила Правилник за формата и содржината на пријавата за производство на афион, книгата за евиденција, договорот за производство и поблиските критериуми за производство на афион и откуп на афион за производство на опојни друго и психотропни супстанци (Сл. весник на РМ бр. 34/2010). Со овој правилник, во членовите 2 и 5 за склучување на договор и пријава на договорот од страна физичкото  лице се бараат следните документи:  лична  карта,  договор  за  производство  на  афион  или  договор  со  овластен  посредник за откуп на афион, имотен или поседовен лист како доказ за сопственост или за користење, договор за закуп склучен  со Министерството  за  земјоделство, шумарство  и  водостопанство  или  договор  за  закуп  нотарски солеминизиран. Барањето за имотен лист предизвикува најголем проблем. Во нашата држава веќе повеќе години наназад, решавањето на наследството на земјоделските површини, преставува голем проблем, вели универзитетскиот професор Арсов. Во Македонија под афион во периодот од 1963 до 1972 година просечно биле засадувани 1.693 хектари. Од 1980 до 1985 година афионот се одгледувал на 2.134 хектари, а во периодот меѓу 1986-1996 година бил застапен на преку 3.000 хекатри. Годините потоа површините со афион бележат тренд на намалување. Во 2009 година според статистичките податоци биле ожнеани 618 хектари, додека во 2013 –та година се ожнеале само 103 хектари.

Како да се врати памукот?

Производството на памук е важно за развојот на текстилната и маслодајната индустрија. Од неговото семе се прави квалитетно масло за човечка исхрана, а коспето се користи за сточна исхрана. Во Македонија интензивно почнува да се одгледува во периодот по Втората светска војна. Така во 1948 година во земјава имало 16.000 хектари со памук. Во доцните 60-ти и почетокот на 70-тите години на 20-от век, површините се намалиле на околу 10.000 хектари на кои се произведуваше 7.700 тони суров памук. Во 1997 година, беа засадени само 6 хектари. Сега по пауза од 15 години, културата повторно беше  засадена во 2012 година на површина од 15 хектари во регионот на Штип кај само еден производител.

Според агрономите Македонија има услови за повторно да го врати производството на памук. професорот посочува дека тоа претставува алтернативен и одржлив сектор за македонските производители, во контекст на поволните климатски услови, но и во период кога Светската здравствена организација бара намалување на површините со тутун, земјоделците да се преоринтираат кон ова производство. Дополнително, домашното производство на памук ќе ја направи текстилната индустрија поконкурентна. Клучно за враќање на оваа култура на македонските ниви, според експертите се субвенции кои во моментов ги нема за памукот. Од индустриските култури единствено површините со тутун бележат зголемување, што според експертите е поради тоа што за оваа култура има највисока субвенција од едно евро за килограм тутун.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *