1045 апликации за огласот „Млад Земјоделец“, двојно повеќе од лани

Вести

Огласот „Млад Земјоделец“ заврши минатиот петок. Оваа година бројот на апликации е зголемен речиси двојно од минатата година.  Денеска на прес-конференција во велешкото село Горно Оризари, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, го објавија податокот дека вкупно 1045 апликанти, аплицирале за неповратни 10.000 евра.

-Оваа година имаме 1045 апликации за мерката „Млад земјоделец“, речиси двојно повеќе од лани. Наша цел е да ги задржиме младите тука и да ги поттикнеме да отворат свој бизнис. Денеска во с.Оризари имав можност да видам како се развиваат новите мали агро бизниси и многу сум среќен дека успешно работат, истакна Николовски.

Николовски беше во посета на фамилијата Лековиќ кој ги има искористено придобивките од ИПАРД програмата за млад земјоделец.

„Многу сме задоволни од сите поддршки и програми од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и поготово од Платежната агенција. Преку програмата млад земјоделец купивме трактор, а преку ИПАРД аплициравме за уште еден. Со новата механизација сме порентабилни и побрзо обработуваме површини. “, изјави Елзин Лековиќ.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски истакна дека, предност на повикот имаат младите невработени лица повеќе од две години.

„ Со овие програми и средства  сакаме да обезбедиме нови можности за успех на сите млади кои се занимаваат со земјоделство, да им го олесниме начинот на обработка на земјоделските површини, развој на органско и сточарско производство. Да ги мотивираме да ги зголемуваат обработливите површини, да создаваат поквалитетни производи и поголем пласман, изјави Бабовски.

Со новите критериуми на повикот се обезбедува фондовите да стигнат до вистинските земјоделци и целосно се исклучуваат можностите за злоупотреба.

Преку мерката „Млад земјоделец“ невработените млади може да добијат 10.000 евра неповратни средства за вложување во агро бизнис, средства пред се наменети за набавка на механизација и други инвестиции.

Минатата година беа склучени 424 договори за оваа мерка, од кои веќе 313 се реализирани. Средства во висина до 3 милиони евра веќе им се исплатени на младите земјоделци.

 

 

 

 

Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *