АД МЕПСО: Земјоделците да бидат внимателни во сезоната на наводнување и на жетва

Вести

АД МЕПСО ги предупредува земјоделците во екот на сезоната за наводнување и на жетва, да бидат особено внимателни додека ракуваат со опремата за наводнување, со земјоделската механизација и со дополнителната земјоделска опрема во близина на далеководите од преносната мрежа.

Од компанијата соопштија дека е важно земјоделците да не поминуваат со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците, но и да не поставуваат цевководни системи за наводнување под проводните јажиња во далноводните траси.

-Не ги кревајте во височина (вертикално) металните цевки од системите за наводнување под проводните јажиња на далекуводите бидејќи металот е проводник на електрична енергија и се изложувате на огромен ризик. Не ги поставувајте прскалките за наводнување под проводните јажиња и во безбедносните коридори на далноводите од преносната мрежа. Допирот на водениот млаз со проводните јажиња може да биде кобен по живот на лица кои се наоѓаат под трасата на далеководот, апелираат од АД МЕПСО.

Исто така, посочуваат земјоделците да не палат стрништа во близина на далековод, бидејќи се загрозува доверливоста на електроенергетскиот систем.

Дополнително, апелираат спортските риболовци да бидат особено внимателни при манипулација со риболовните стапови во близина на далеководи, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите на далеководите, под јажињата за пренос на електрична енергија.

-Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопствениот и за животот на другите! Не загрозувајте ја доверливоста на електропреносниот систем, се вели во соопштението на АД МЕПСО.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *