Агро Метео: Денеска ќе престанат снежните врнежи

Вести

Врнежите од снег денеска и за деновите од викендот ќе прекинат, а ќе продолжат од понеделник, но со многу намален интензитет. Ниските температури, особено утринските, кои ќе се движат од минус шест до минус 16 Целзиусови степени, во следните денови ќе ја задржат снежната покривка и во градовите и на планините. Дневните температури деновиве ќе се движат од минус пет до четири степени, а од понеделник благо ќе се зголемуваат, особено утринските.

Управата за хидрометеоролошки работи информира дека снежните врнежи ќе престанат речиси во целата земја веќе денеска претпладне. Времето ќе биде облачно, но ќе се појавуваат и сончеви периоди, особено во североисточните делови, а ќе дува и умерен северозападен ветер. Од понеделник, информираат од УХМР, повторно ќе заврне снег, но со многу помал интензитет. Ќе се покачат и минималните температури, но сепак ќе останат негативни.

 

До вчера во земјава преовладуваше вистинска снежна зима. Најдебела снежна покривка има во Маврово, 77 сантиметри, на Попова Шапка 42 и во Лазарополе 35 сантиметри. Врнежите од снег беа особено интензивни во западните и северните делови на Македонија, каде што само вчера снежната покривка се зголеми за десет до 20 сантиметри, а на планините и над 20 сантиметри. Снегот што врне два дена непрекинато во Кичево и Кичевско, веќе предизвикува големи тешкотии во одвивањето на сообраќајот. Во градското подрачје снежната покривка изнесува 30 сантиметри, а пак во руралните средини покривката е двојно поголема.

Во Гевгелија, пак, иако снегот непрекинато паѓаше околу 15 часа, не создаде никакви проблеми во одвивањето на сообраќајот на локалните, регионалните патишта и на градските сообраќајници. Единствениот проблем се јави на делот од патот што го поврзува селото Смоквица со клучката на автопатот „Пријателство“, каде што се работи на расчистување на снегот. Во Охридско-струшкиот Регион снегот непрекинато паѓа веќе втор ден, а сообраќајот се одвива во отежнати зимски услови, а патиштата се проодни до речиси сите населени места. Снежната покривка во Охрид е 33 сантиметри, а во Струга околу 35 сантиметри.

 

„Поради временските услови, наглите промени на температурата и маглата препорачуваме пред патувањето да се провери исправноста на возилото, да не се вози без соодветна зимска опрема, да има доволно гориво за пристигнување до саканата дестинација, но и во случај да дојде до прекин на сообраќајот, да имаат доволна количина на храна, вода, лекови и топла облека“, велат во Дирекцијата.

Според информациите од „Македонија пат“ и АМСМ, од вчера забрана за движење на тешки товарни возила има на патните правци Маврово – Дебар, Гостивар – Кичево, преку планинскиот премин Стража, Кичево – Охрид, преку планинскиот премин Пресека, патниот правец Прилеп – Македонски Брод на планинскиот премин Барбарос, како и на патниот правец Тетово – Попова Шапка, каде забраната важи и за автобуси, а за останатите возила е задолжително користење на зимска опрема. Вчера беше воведена и забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин Ќафасан и на планинскиот превој Буково на патниот правец Ресен -Битола.

На превојот Плетвар сообраќајот се одвива непречено за сите видови возила. Коловозот е исчистен, има малку кашест снег, но не предизвикува застој во сообраќајот. На Плетвар снежната покривка е околу 30 сантиметри“, информираат од „Македонија пат“.

Авиосообраќајот на Меѓународниот аеродром во Скопје се одвива со мали задоцнувања, но сите полетувања и слетувања се реализирани. Во зимски услови, но редовно се одвива и меѓуградскиот автобуски и железничкиот превоз.

 

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *