АХВ: Потврдено е присуство на болеста Син јазик кај 12 грла овци во две одгледувалишта

Вести Сточарство

По пријава од надлежно ветеринарно друштво (08.07.2020 година), за сомнеж на болеста Син јазик кај овци и кози на територија на општините Македонски Брод и Кичево, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе епидемиолошко испитување во овие региони.

Земени се примероци од сомнителните животни и по извршените лабораториски испитувања спроведени од страна на Факултетот за ветеринарна медицина, Агенцијата за храна и ветеринарство ја потврди појавата на болеста Син јазик кај 12 грла овци во две одгледувалишта во село Грешница (општина Македонски Брод) и во едно одгледувалиште во село Свињиште (општина Кичево). За да се спречи ширење на болеста, АХВ донесе решение  за спроведување мерки на одгледувалиштата каде е потврдено присуство на болеста.

Сточарите на кои ќе им бидат одземени животните кај кои ќе биде потврдено присуство на болеста ќе бидат обесштетени. Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство ќе бидат присутни на терен и ќе ја следат состојбата со болеста во овие региони.

Стручните служби на АХВ ветеринарство ја пријавија болеста во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија (ADNS) и во WAHIS системот на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ.

Болеста син јазик не е зооноза односно таа не се пренесува и не е опасна за луѓето но, сепак, не треба да се консумира месо од заболено животно. Станува збор за вирусно заболување кај домашните и дивите преживари (овци, кози и говеда). Синиот јазик се пренесува единствено преку каснување од инсекти (мушички) од видот Culicoides, во периодот на нивна активност (април- ноември), особено во услови на висока температура и влажност. Болеста не се пренесува од животно на животно, преку контакт.

Во нашата земја, присуството на болеста е последен пат евидентиран во 2015 година.

Со почит,
Агенција за храна и ветеринарство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *