Анѓушев и Деспотовски ја посетија „Аквапоника“- микрокомпанија што применува иновации во земјоделството

Вести Совети

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски  ја посетија компанијата „Аквапоника“, добитник на грант од ФИТР.  Проектот на оваа микрокомпанија – „Брендирани млади органски салати“ има за цел да воведе нов иновативен производствен процес кој истовремено овозможува контрола на квалитетот на производот „од нива до полица во продажно место“ и лесна следливост на неговото потеклo.

За време на посетата на дел од нивните засадени површинско градинарски култури во село Орешани во близина на Скопје, Анѓушев нагласи дека ова е одличен пример како државата дава поддршка на микро, малите и средните компании, како оваа микрокомпанија која е основана од двајца млади претприемачи, брат и сестра.

-Се почнува од добра идеја, добар план, а со напорна работа и посветеност се постигнува и посакуваниот резултат. Она што го видов тука е дека тие направиле еден издржан и одржлив систем со кој се обезбедува производство во текот на целата година, а не само сезонски. Ова е токму таков пример како добра и едноставна идеја може да резултира во бизнис кој ќе генерира приходи, рече вицепремиерот Анѓушев.

Тој нагласи дека изборот за посета на мала компанија од добитниците на грантови на ФИТР не е случаен, бидејќи, како што рече, поттикнување раст на малите компании е многу важен за развојот на една економија.

Вицепремиерот потсети дека во тек е вториот повик за кофинансирани грантови за стимулирање  технолошки развој и иновации на микро, мали и средни компании, за кој се обезбедени 5 милиони евра од ФИТР и Светска банка.

-Искористете ја можноста, аплицирајте. Од разговори со оние компании кои веќе ја искористиле можноста и потпишале договори, дознавме дека поддршката која ја добиле е особено важна за нивните проекти. Финансиската инекција им дава поголема слобода и сигурност во реализација на проектите и значително се убрзува нивната реализација. Владата ќе продолжи да го поддржува стопанството, успехот на компаниите е бенефит за сите, рече Анѓушев.

Оваа компанија е една од 11 проекти поврзани со иновации во земјоделството кои досега добиле финансиска поддршка од ФИТР.

-Овде можеме да го видиме во пракса она што го повторуваме секогаш, дека иновациите се применливи секаде, не само во ИТ-индустријата. Иновациите се практична работа која носи додадена вредност. Во Северна Македонија создадената вредност по ангажирано лице во земјоделието е една третина од европскиот просек, а во однос на Холандија, која е една од најразвиените земји во овој сектор, заостанува десет пати. Нашата цел е да создадеме поголема додадена вредност по работник. Од друга страна, исто така сакаме преку поддршката на вакви проекти да се намали и зависноста од увоз на вакви производи. На пример, Израел земја која е меѓу водечките по инвестиции во иновации во сите сектори е 50 отсто пустинска земја, а задоволува 95 отсто од потребите со домашно локално производство на земјоделски култури,  посочи директорот на ФИТР Деспотовски.

Сопствениците на компанијата „Аквапоника“, Милица и Васе Петрушевски, кои по струка се од ИТ-секторот и образование велат дека главната цел им е да ги урнат табуата дека земјоделството е нискодоходовно. Тие нагласија дека со нивниот пристап на развој на производ од „семка до полица“ по само неколку месеци носи резултати, како и дека без поддршка од државата нивниот концепт на развој на домашни брендирани еколошки градинарски производи би бил само идеја.

Вкупниот буџет на проектот кој ќе трае една година е 50.000 евра, од кои 35.000 се од ФИТР, а 15.000 ги вложува компанијата.

„Аквапоника“ е компанија специјализирана за производство и продажба на сертифициран органски зеленчук и негови полупроизводи. Целта и е да развива производи што ќе ги задоволат разновидните потреби на своите потрошувачи, притоа обезбедувајќи и гарантирајќи висок органски квалитет и лесна достапност за потрошувачите. „Аквапоника“ денес обработува околу еден хектар органски и ниви во органска конверзија. Екопроизводите од новата линија веќе се продаваат во поголемите маркети во земјава.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *