АПРЗ прослави 20 години од своето постоење

Вести

„Советодавниот сервис-едукативно информативна поддршка на земјоделството и руралниот развој“ беше насловот на Конференцијата со која што Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделитето со седиште во Битола одбележа 20 години од своето постоење. Воедно одбележаа и 50 години од зачетоците на советодавната услуга во земјоделството.

„Во насока на модернизација на советодавните услуги кои се обезбедуваат преку АПРЗ, усогласени со заедничката земјоделска политика на ЕУ, неопходно е постојано институционално зајакнување на чинителите во агрокомплексот, со што АПРЗ постојано се препознава и потврдува како Национален советодавен сервис со едукативно-информативна поддршка во земјоделството“, рече Елгафар Јусуфи, директор на АПРЗ во Битола.

На Конференцијата присуствуваше и советникот за земјоделство на премиерот, Ленче Николовска, како и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството Николче Бабовски.  Советникот за земјоделство, ја потенцираше важноста од постоењето на агенцијата за вкупниот развој на македонскиот развој. Директорот пак на Агенцијата за финансика поддршка на земјоделството ја потенцираше соработката која што ја имаат со Агенцијата која се одвивала во насока на советодавната и стручната помош која им ја нудат на земјоделците, со цел да имаме квалитетно и квалитативно подобро земјоделско производство.

На конференцијата присутни беа и градоначалниците од пелагонискиот регион.

„Кога пред 20 години, на иницијатива на група тогашни пратеници се изгласа можноста една државна агенција да има седиште надвор од Скопје, се чинеше дека станува збор за револуционерен чекор кој ќе донесе своевидна децентрализација на институциите во земјава. Засега, оваа агенција останува надвор од главниот град во земјава, а конкретно Битола и Пелагонискиот регион имаат голем број придобивки од неа. Општина Битола во рамките на својата територијална застапеност, има голем број рурални населени места, чија примарна дејност е земјоделството. За населението од тие средини, Агенцијата претставуваше, но и претставува тело, кое во време на експанзија на нови термини, фондови, средства од ЕУ, иновации итн, требаше да им даде пред се советодавно решение на луѓето. Да знаат како понатаму, како да станат конкуренти на пазарот на труд, како да аплицираат за срeдства за подобрување на своите производи, како подобро да пласираат производи, како да се осовременат со механизацијата, како да научат повеќе…..Тешко е сето ова во кус временски период да се научи, особено да се примени. Затоа, агенцијата, токму на терен, ја одигра најзначајната улога за Пелагонискиот регион и Општина Битола. Преку стручни совети за тоа кое ѓубриво е потребно, како да се сее, како подобро да се нахранува стоката за поголеми приноси….сето тоа беше значајно за нашите земјоделци“, рече Наташа Петровска, градоначалник на Битола.

Земјоделците задоволни од работата на Агенцијата, побараа зголемување на бројот на лица кој ќе им даваат совети на терен.

Агенцијата функционира со 31 канцеларија распоредени во повеќе градови од државата и 120 вработени од кои 70 се советници за на терен .

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *