Цената на земјиштето ќе расте, но на долг рок

Вести

Инвестицијата во земјиште е исплатлива, но само на долг рок. Не се очекуваат драстични промени во цените во наредните неколку години. Сепак, доколку се откочат евроатланските интеграции тоа дополнително би го поттикнало пазарот.

„Купувањето земја, без разлика дали е нива или плац, е добра но долгорочна инвестиција. Тоа значи дека ако имате вишок пари сега и ако ги вложите може да очекувате заработка по 10, 20 па дури и 50 години. За оние кои имаат кеш тоа е добра одлука, а оние кои сакаат да продадат секогаш се во загуба бидејќи цените имаат тенденција на постојан пораст“ објаснува Мирко Петревски, аналитичар на пазарот со недвижности.

Во моментов во Македонија цените на градежното земјиште се движат од под 3 до над 500 евра, во зависност од локацијата. Во неразвиените и рурални подрачја секако е најевтино, а најскапо е во строгиот центар на Скопје.

Земјоделските површини се уште поевтини. На пример, во Овче Поле се продава нива 2 декари од 4 класа за само 400 евра, но нема кој да ја купи.

„Земјата ниту старее ниту расте. Таа е се помалку достапна. Токму затоа и цените полека но сигурно ќе одат нагоре, но не може да се очекува екстремна заработка на кус рок“ објаснува Марија Тасеска, сопственик на Агенција за недвижности.

Освен влегувањето во НАТО и ЕУ цените на земјиштето може да ги поттикнат и инвеститорите од Истокот. Се поактуелно во Европа е купувањето на обработливи површини од страна на Кинези и Арапи кои овде произведуваат храна која потоа ја извезуваат во своите матични земји. Но, овој тренд се уште не стигнал во Македонија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *