Чу Донгју: Силни партнерства за трансформација на земјоделско-прехранбените системи во Европа, Централна Азија и пошироко

Вести

Од 2 до 4 ноември 2020 г., Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) ја свикува 32. сесија на Регионалната конференција за Европа, виртуелно, каде домаќин ќе биде Владата на Узбекистан, а членките на ФАО ќе имаат можност да ја продлабочат дискусијата за како да се трансформираат земјоделско-прехранбените системи за да се направат поотпорни, одржливи и инклузивни – и на регионално и на глобално ниво.

Регионалната конференција на ФАО за Европа е отворена за сите членки на ФАО во регионот на Европа и Централна Азија. Од Лисабон до Владивосток и од Арктичкиот круг до планините Памир во Централна Азија, регионот е огромен и разновиден, а неговите системи за храна значително се разликуваат.

Дури и пред пандемијата КОВИД-19, одржливоста на земјоделско-прехранбените системи веќе претставуваше загриженост во регионот, особено поради зголемените стапки на дебелина (околу 23% од населението во Европа и 18% во Централна Азија) и придружните незаразни болести, како и порастот на недоволна исхранетост и недостатокот на микронутриенти во некои земји.

Во светло на претстојниот Самит на ООН за системи за храна 2021 година, Конференцијата ќе се фокусира на одржливи системи за храна и здрава исхрана во Европа и Централна Азија како една од главните теми. Дебатата ќе има за цел да го претстави статусот на исхрана и одржливоста на системите за храна, идентификување на меѓусебните врски, предизвиците и можностите во регионот.

Влијанијата од пандемијата извршија голем притисок врз целокупната состојба со исхраната. Нема недостиг на храна, но економските падови и загубите на работни места создадоа сè повеќе ограничувања за луѓето да имаат пристап до хранлива храна и здрава исхрана.

Регионалните ланци за снабдување со храна функционираат добро, главно како резултат на посветеноста на земјоделците, кои направија огромен напор да продолжат со производство и берба на храна, и покрај пандемијата и рестриктивните мерки. Во Европа и Централна Азија, многу мали земјоделски стопанства и семејни земјоделци пријавиле дека користат лични заштеди за да ги покриваат оперативните трошоци, на штета на условите за живот за нивните домаќинства. И 85 проценти од нив истакнале дека нивниот опстанок зависи од континуираната владина помош за покривање на тековните трошоци.

Во овој контекст, потребни се соодветни политики и јавно-приватни партнерства за решавање на потребите на производителите на храна и за подобрување на одржливоста на земјоделско-прехранбените системи. Поврзани прашања, како што се безбедноста на храната, зачувувањето на биолошката разновидност и дигиталните иновации ќе бидат високо на агендата на Регионалната конференција.

Дигиталните технологии како што се сателитско снимање, далечински сензори и мобилни апликации ветуваат револуционерни промени за малите земјоделци и потрошувачите. Тие можат да помогнат во оптимизирање на синџирите на исхрана, да го зголемат пристапот до пазарите, да ги намалат загубите и отпадот од храна, да го подобрат управувањето со водата, да помогнат во борбата против штетниците и болестите – ова се само неколку од придобивките.

Но, Европа и Централна Азија не треба да ги ограничуваат своите дискусии на регионалната перспектива. Регионот има богатство на знаење и искуство што е од непроценливо значење за промовирање на одржлив развој ширум светот, а финансиската поддршка на европските земји е одамна клучна во борбата против гладот и сиромаштијата во земјите во развој, Африка, Азија и Латинска Америка.

Пред КОВИД-19, скоро 690 милиони луѓе беа потхранети во 2019 година на глобално ниво. Најновата проценка на ФАО сугерира дека пандемијата може да додаде до 132 милиони луѓе во редовите на недоволно исхранети во светот. Понатаму, околу 4,5 милијарди луѓе зависат од земјоделско-прехранбените системи за својата егзистенција, да се прехранат себеси и своите семејства.

Пандемијата ја зајакна важноста на тоа никој да не биде изоставен – водечки принцип на Агендата 2030. Повеќе од кога било, владите, меѓународните организации, приватниот сектор, граѓанското општество, академската заедница и другите релевантни партнери мора тесно да соработуваат за да ги надминат предизвиците што претстојат.

Силните партнерства се во центарот на иницијативите на ФАО за промовирање на одржливи земјоделско-прехранбени системи, со крајна цел да се стави крај на гладот и сиромаштијата. Со нова Стратегија за ангажирање на приватниот сектор, ФАО има за цел да соработува со приватниот сектор за поддршка и зголемување на иновациите, промовирање инвестиции, мобилизирање на научна експертиза, генерирање податоци за следење на Целите на одржлив развој, засновани на размена на ресурси, мрежи, знаење и технологии.

ФАО, исто така, тесно соработува со парламентарците ширум светот, како стратешки партнери за подобрување на законските рамки, усвојување соодветни политики и застапување за распределба на ресурсите за спроведување на овие политики во секторот храна и земјоделство.

Пред пандемијата, ФАО ја започна иницијативата „Рака под рака“ (Hand-in-Hand Initiative) чија цел е да ги спои земјите донатори и приматели на помош за забрзување на иновациите, инвестициите, институционалните промени, земјоделската трансформација и одржливиот рурален развој засновани на податоци и информации. Иницијативата смета на најсовремени технологии, како што е Гео-просторната платформа Hand-in-Hand Geospatial Platform, која обезбедува клучни информации за донесување одлуки, и Лабораторијата за податоци Data Lab за статистичка иновација, која комбинира неконвенционални извори на податоци, големи податоци, вештачка интелигенција и научни податоци за донесување одлуки и проценка на влијанието. Веќе 29 земји учествуваат во иницијативата и исто толку изразуваат интерес да се приклучат во наредните месеци.

Како реакција на пандемијата, ФАО разви Програма за сеопфатен одговор и опоравување од ситуацијата со КОВИД-19 за акција на глобално, регионално и национално ниво. Програмата е дизајнирана да ги ублажи непосредните социо-економски влијанија, истовремено зајакнувајќи ја долгорочната еластичност на прехранбените системи и егзистенцијата – во согласност со пристапот на Обединетите нации за „градење за трансформација“ и во тесна соработка со разни партнери. Потребна е трансформациска промена во начинот на управување со нашиот биодиверзитет, производство и консумирањето на храната, како и односот со природата, доколку сакаме побрзо да се опоравиме од пандемијата КОВИД-19 и да ги постигнеме Целите на одржлив развој.

На 5 ноември, ФАО официјално ќе ја лансира Коалицијата за храна, мулти-партнерски, мулти-секторски механизам за мобилизирање на ресурси, експертиза и иновации што ќе ја поддржат Програма за сеопфатен одговор и опоравување од ситуацијата со КОВИД-19 и иницијативата „Рака под рака“. Преку промовирање на дијалог и размена на знаења и експертиза меѓу земјите и работејќи кон планови за дејствување фокусирани на решенија, Коалицијата за храна ќе ги прошири нашите партнерства и застапување. Задоволен сум што гледам дека околу 40 земји веќе изразија интерес да бидат активни партнери во Коалицијата за храна, што иницијално го конципираа Италија и други клучни партнери.

Во текот на целата 2020 година, ФАО се залагаше синџирите на храна да останат активни, нагласувајќи дека оваа криза може да се надмине само ако земјите соработуваат и тргуваат слободно. Многу земји во овој регион очигледно прават напори да ги подобрат своите трговски политики за земјоделски производи и ги охрабруваме да продолжат по овој пат.

75-годишнината од ФАО, која ја одбележавме пред неколку дена, е историска пресвртница што ја зајакнува нашата посветеност да обезбедиме пристап до хранлива храна за секого и да го елиминираме гладот еднаш засекогаш. 32-та сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа е значаен повод да се осигури дека оваа обврска е преточена во акција.

Нови идеи, силни партнерства и нови начини на работа кон нашите заеднички цели за подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот.

Чу Донгју, генерален директор на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО)

МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *