Пожарите се причина поради која секоја година светот губи шуми, човечки животи, и се соочува со материјални штети.
Високите температури секое лето ги навестуваат „беснеењата” на огнените стихии и го наметнуваат прашањето за подготвеноста на институциите да се соочат со нив. Несомнено пожарите се проблем и за развиените земји, но се особено предизвик за земјите во развој како што е Македонија.
Генералниот заклучок на надлежните е дека сме поподготвени во однос на минатата година за справување со пожарите, но оти уште треба да се работи на недостатоците.
Драги Тарчуловски, државен советник во Центарот за управување со кризи (ЦУК), за МИА појаснува дека оваа година за разлика од минатата имаме на располагање два специјализирани воздухоплови во Дирекцијата за заштита и справување со пожари. Дополнително на располагање се ставени и хеликоптери на Армијата на Република Македонија кои се специјализирани за гасење пожари, а како што вели Тарчуловски, првпат оваа година за разлика од минатото оспособен е и еден хеликоптер на Министерството за внатрешни работи за гасење пожари на отворен простор.
Сепак, оценува дека кога би се повториле пожарите од минатата година, несомнено би ни била потребна помош од другите земји.
– Би бил среќен кога би рекол дека нема да имаме потреба од помош никогаш. Но, тоа едноставно не е можно. Еве и најбогатите држави се потпираат на помош, па и Европската Унија минатата година направи заеднички сили, пред сè за медитеранските држави. Во однос на минатата година сигурно поуспешно кога станува збор за гасење од воздух. Но, мора да бидеме секогаш свесни дека гасењето од воздух само треба да биде помош. Основното гасење на пожарите на отворен простор треба да биде од земја. Тука доаѓа до израз подготвеноста на Национални шуми и подготвеноста на територијалните противпожарни единици во целата земја, како и силите за заштита и спасување на општините и на државата, вели Тарчуловски.
Порачува дека мора посистематски да се работи на тоа и да се направи зголемен број доброволни противпожарни друштва коишто би можеле да бидат повикани за справување со пожари на отворен простор.
Тој е дециден дека организацијата треба да е преку доброволните противпожарни друштва, доброволниот противпожарен сојуз за формирање доброволни единици коишто би можеле да бидат во делот на справување, правилно управување со шумите и зачестени контроли.
– Јавното претпријатие Национални шуми би требало да врши повеќе сеча во исто време со правење просеки во шумите да не се шири од еден рид на друг рид, туку да остане во рамките на едно подрачје. Такви просеки подолг временски период не се правени. Тоа е една силна превентивна мерка што мораме да ја направиме. Понатаму контролата од припадниците на Министерството за внатрешни работи, од шумската полиција, бидејќи човечкиот фактор е најчест причинител за пожарите, така што треба и зголемени контроли. Но, потребна е и совеста на граѓаните. Најголемиот број граѓани се совесни и свесни за опасноста од пожари, меѓутоа секогаш има некој помал процент на луѓе коишто свесно или несвесно, намерно или ненамерно се причинители на пожарите, од догорчиња, од правење скара, од намерно палење на пасиштето за да никне нова трева, а всушност пожарот бега од контрола, па влегува во шумите и друго, изјави Тарчуловски.
Само едно невнимателно фрлено догорче, предупредува, може да ни одземе многу.
– Едно догорче би можело да ни земе и многу шума, објекти, дури и човечки жртви. Значи, внимателноста ни е пред сè, подвлекува Тарчуловски.
Звонко Томески, кој со години е дел од скопската Бригада за противпожарна заштита, во изјава за МИА истакнува дека е потребно да се работи на зголемување на бројот на противпожарни возила во единицата.
– Она што е неопходно е подобрување на бројната состојба во единицата и обезбедување соодветна опрема за пожари на отворен простор, возила за интервенции ни фалат, на нас е она што го имаме да го користиме најдобро што знаеме, појаснува Томески.
Како што информира, 95 проценти од пожарите настануваат од човечко невнимание, а карактеристично е што пожарите се најчесто на непристапен терен, со што интервенцијата е отежната.
Од Министерството за внатрешни работи укажуваат дека по настапувањето на последните, значително повисоки температури и најавите дека во наредните денови тие уште повеќе ќе се зголемат, во голема мерка се зголемија и потенцијалните опасности за избувнување пожари.
Повикаа на внимателност при движење во поле и низ шумите, и да не се палат отпадоци, меѓи и стрништа на нивите и да не се фрлаат неизгаснати догорчиња. Покрај ова, на оние кои ќе престојуваат на излетничките места, им се укажува да се воздржат од палење огнови, кои брзо можат да пламнат и да се прошират наоколу, а со тоа да предизвикаат и материјални и други последици од несогледливи размери. Исто така, на отворен простор да не се оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да причинат пожар.
МВР потсетува на ригорозните законски санкции со кои можат да се соочат граѓаните, како можни затворски казни од шест месеци до осум години, зависно од видот на пожарот и другите околности и последици.
Штетите од пожарите што ја зафтија државава минатата година, од кои неколку беа од поголеми размери се проценети на 38,5 милиони евра.