Рокот за издавање на евидентни листови за тутунот истекува на 31 март. Остануваат уште два работни дена, тутунарите да ги посетат подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Подрачната Единица во Битола, оваа година се задоволни од динамиката на земјоделците. Од очекуваните 3000 евидентни листови, на два дена пред завршувањето на рокот, пријавени се 2711.
– Оваа година сме повеќе од задоволни од динамиката на издавање на евидентни листови. Веќе се издадени 2717, а до завршувањето на рокот за пријавување, очекуваме бројката да достигне 2800 евидентни листови – истакна Александар Цуцулоски, раководител на ПЕ Битола, за Современо Земјоделство.
Прв пат по долги години, има и зголемување на површината под тутун на територија на општина Битола.
– Повеќе од 100 хектари е зголемена површината под тутун во битолскиот регион. Сигурно една од причините е рекордно постигнатата цена за откуп од 217,60 денари, загарантираниот откуп, како и најавеното донесување на нов закон за тутун и тутунски производи што би значело подобрување на производството – додаде Цуцулоски.
Тој ги потсетува и сите земјоделци дека програмата за аплицирање за субвенции започна и апелира земјоделците навремено да ги пријават своите култури за да не се создаваат гужви пред завршувањето на рокот, а тоа е 15 мај.
Новинар: М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство