Дарко Шамбевски – млад и успешен земјоделец

Вести Видео Интервју

Дарко Шамбевски од село Радобор, Могила, е млад земјоделец кој со земјоделството се занимава од кога знае за себе.  Тој е член во единственото здружение за земјоделци со седиште во Пелагонискиот регион „Современо Земјоделство“. При нашата посета кај него, тој ни раскажа дека токму оваа работа ја работи со голема љубов заедно со своето семејство и дека оваа гранка носи многу профит, само ако правилно се работи.

Фамилијата Шамбевски има 50 хектари обработлива површина, од кои 20 хектари се под пченица. Како и секаде, и кај нив деновиве заврши жетвата.

-Приносот од пченицата во просек е од 5,5 тона по хектар. Половина жетва ја продадовме по цена од 8 денари а другата половина во моментов ја чуваме во вреќи.  Наша следна планирана инвестиција е купување на силоси, за да можеме што подолго да ја чуваме пченицата, во одлична состојба, -вели Дарко за Современо Земјоделство.

Што се однесува до профитот со пченицата, Дарко ја направи следната пресметка:

-2,5 тони произведена пченица по хектар имаме трошок. Трошоците се за кирија на земјата, за семе, нафта, билки, репроматеријали, ѓубриво и секако за жетвата.  Остануваат 2,5 тони по хектар како ќар за нас, односно половината ни останува за да си обезбедиме пристоен живот бидејќи реално ние како семејство живееме од земјоделството, додаде Шамбевски.

 

Дарко со неговата фамилија имаат два комбајни „Клас“ и „Змај“ и жетвата ја извршуваат сами, без ангажирање на дополнителни лица.

-Механизацијата е клучна за да бидеш и вистински и рентабилен земјоделец. Ние освен двата комбајни имаме и 3 трактори, комплет сеалки за жито, за пченка, плугови, тањирачи…се што е потребно за современото земјоделство, истакна младиот Дарко.

Фамилијата Шамбевски користат и систем „капка по капка“, но оваа година поради многубројните дождови, немале потреба на овој начин да го наводнуваат полето.  Покрај 20-те хектари пченица, имаат уште 30 хектари обработлива површина.

-Имаме 9 хектари пченка, 7 хектари грав, 3 хектари јачмен, и добиточен грашок со луцерка на околу 10 хектари. Пченката ја користиме за домашни потреби односно 3,5 хектари за зрно и 5,5 хектари за силажа. Сакам да истакнам дека кај пченката на 2 хектари правиме опит – огледно поле – со фирмата Агримакс Хибриди од Србија, за да видиме колку принос ќе имаме по хектар – ни кажа Даре.

Тие садат и големи количини на грав. Оваа година од 7 хектари грав, очекуваат принос од 14 тона, односно 2 тона по хектар. Минатата година поради високите температури, гравот целосно им се уништил.

Од јачменот имаат принос од 4 тона по хектар, а го користат за свои потреби, исто како и луцерката која ја припремаатво балиња и добиточниот грашок за сенажа.

-Оваа година за прв пат засадивме сточна репа на половина хектар. Во месец октомври ќе биде бербата, па ќе видиме како ќе се покаже како култура и дали е исплатлива за садење на голема површина – ни откри Дарко.

Фамилијата Шамбевски одгледуваат и добиток. Тие имаат 24 грла, од кои 8 се молзни крави а 16 јунци. Имаат и 5 прасиња, 1 коњ, и многубројни млади пилиња, кокошки…

При нашиот долг и пријатен разговор, Дарко се присети на поплавите кои во 2014 и почетокот на 2015 година беа погубни за Општина Могила, а тие на 13 хектари го изгубија целиот род. Обесштетување не добиле.

– Жално е што токму тогаш, на таа катастрофа која ни се случи, се правеа лажни проценки и се исплаќаа лажни штети.  Нашата фамилија, поради грешки во претходното општинско раководство, не доби никакво обесштетување – истакна Шамбевски.

Што се однесува до аплицирањето за националните програми, Ипард и Млад земјоделец, Даре ни откри дека досега во неговата фамилија никој ништо не добил иако неколку пати аплицирале.  Има препорака до новата власт да направат промени за тие европски пари да завршуваат кај вистинските земјоделци.

-Многу ми смета тоа што во таквите огласи аплицираат буквално неработници кои ќе засадат лешници во Радобор или на друго место каде што лешник никогаш не се одгледувал, на 3-4 хектари и веднаш добиваат позитивен одговор на апликацијата. Ова се случуваше постојано во последните 6-7 години. Затоа апелирам да има зголемена контрола и за огласите но и за субвенциите, рече Шамбевски.

Тој истакна дека оваа година повторно ќе аплицира за Ипард, и дека сега поради комплетната советодавна помош која како член ја има од здружението на земјоделци „Современо Земјоделство“ очекува позитивен одговор.

-Член сум и тоа многу горд член, на здружението на земјоделци „Современо Земјоделство“ кое е единствено во Пелагонискиот регион, кое ни дава комплетна помош на нас земјоделците. Постојано се на терен, нудат совети, прават хуманитарни акции онаму каде е потребно, а што е најважно, оваа година со нивна помош ќе аплицираме на сите огласи. Посетуваме работилници, обуки, достапни се 24/7, а со членството добиваме и попусти во над 10 фирми и така и си заштедуваме. Редно беше и ние во Пелагонија да добиеме нешто што го има секаде во светот – истакна Шамбевски.

Дарко додаде и дека би било убаво доколку секој регион добие соодветна почвена мапа, според која земјоделецот ќе знае која култура да ја засади и која ќе даде најголеми приноси во избраната локација.

-Време е професијата земјоделец да стане достојна професија. Вредните земјоделци секогаш се рентабилни, тоа е факт – заврши Дарко.

Имавме навистина пријатен разговор со младиот Дарко. Чест и задоволство е да се биде во друштво на млади и искусни земјоделци кои професијата земјоделец ја сфаќаат многу сериозно и ја работат вредно, од срце, со многу љубов.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

 

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *