Во новиот програмски период од 2021 до 2027 година од ИПА-програмата веќе договоривме со Европската Унија дека ќе бидат вложени 33 милиони евра за развој на регионите во Бугарија и Северна Македонија, изјави денеска заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски на официјалното пуштање во употреба на пешачка патека кон манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка, изградена токму со финансиска поддршка од ИПА 2-програмата на ЕУ.
Според него, голем дел од овие средства ќе бидат потрошени за стратешкиот проект, изградба и уредување на граничниот премин Клепало, што ќе ги поврзува Берово од македонска и Струмјани од бугарска страна. Ова треба да придонесе за уште позабрзан развој на локалната економија, зголемување на размената на стоки и услуги, како и привлекување што повеќе туристи.
– Министерството за локална самоуправа е особено задоволно што програмата за прекугранична соработка со Бугарија во вториот програмски период има реализација од речиси 100 отсто, за што беа потрошени близу 20 милиони евра, пари од Европската Унија. И покрај политичките проблеми во односите со Република Бугарија, соработката на ниво на министерства се одвива непречено, а реализирани се преку 100 проекти насочени за развој на регионите од двете страни на границата во областа на заштитата на животната средина, претприемништвото и бизнисот, културата, туризмот и друго. Очекуваме исто така со вложувањата во железничкото поврзување со Република Бугарија, на подолг рок, како и инвестициите во патната инфраструктура за поврзување на граничниот премин Деве Баир од македонска страна, на пократок рок, дека ќе се интензивира протокот на луѓе и стоки и ќе дојде до зголемување на бројот на туристи, додаде Димитровски.
Преку проектот „Сирера“ софтвер, кој го менаџира Министерството за локална самоуправа за евиденција на трошењето државни пари за регионален развој, министерствата и другите институции, посочи Димитровски, во иднина ќе бидат обврзани повеќе пари да трошат токму во регионите кои се помалку развиени и таму да ги насочуваат капиталните инвестиции од областа на инфраструктурата, здравството, образованието, социјалата.
– Мораме да направиме уште многу за да ги задржиме младите во овој крај. Очекувам во наредниот период да се остварат и другите предвидени развојни проекти, пред сè оној најавен минатата година за изградба на нов ски-центар на Царев Врв, Осогово, за што е подготвена физибилити студија и кој треба да биде главен носител на развојот во овој регион. На крајот, на градоначалникот Сашо Митовски му посакувам што повеќе проекти за општината, а на сите нас што побрзо Република Бугарија да го симне ветото за почеток на преговорите за членство на нашата држава во Европската Унија, што ќе претставува силен поттик за економски развој, истакна Димитровски.
Извор: МИА