Димковски: До завршување на законскиот рок остануваат уште 7 отсто тутун за откуп, секој килограм произведен тутун ќе биде откупен

Вести тутун

Секој килограм произведен тутун од реколтата 2019-та ќе биде откупен, порача на прес-конференција, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Досега 93,4 отсто од произведениот тутун е откупен, а до крај на месецот, додека е и законскиот рок остануваат уште околу 7 отсто тутун за откуп, којшто во целост ќе биде откупен. Државниот инспекторат за земјоделство има засилени контроли на терен, и доколку се утврдат неправилности при откупот, ќе следат казни за тутунските компании, за да нема застој во откупот на тутунот.

„Тутунарите нема да бидат оставени на цедило. Ги повикувам тутунопроизводителите да не потпаѓаат под манипулации, затоа што откупот законски трае до 29-ти февруари, а се очекува овие 7 отсто да се откупат и пред рокот, за десетина дена. Просечната откупна цена во моментов е 220,8 денари за килограм што е највисока просечна откупна цена досега. Лани беше 214,2 денари за килограм, а во 2017-та просечната откупна цена беше 217, 5  за килограм. Во 2015-та година просечната откупна цена беше 184 денари за килограм, а во 2016-та, 196,8 денари. Ако се вратиме во 2014-та просечната откупна цена била 117,2, што е најниска просечна откупна цена од 2006 наваму“, изјави министерот Димковски.

 

При тоа, Димковски посочи дека од 2017-та година, во овие три реколти дури над 30 отсто од тутунот е проценет на прва класа.

За споредба, во однос на проценката на тутунот, во 2015-та само 12 отсто од тутунот бил проценет како прва класа, а во 2016-та година, само 16 отсто.

Вредноста на откупениот тутун во моментов е над 5,4 милијарди денари, што е двојно повеќе од 2014-та, кога вкупната вредност на откупениот тутун била само 2,9 милијарди денари. Сите овие податоци се доволен доказ за домаќинското и одговорно работење на министерството, во овие две и пол години, тутунопроизводителите знаат кој вистински се грижи за оваа стратешка гранка, потенцираше министерот Димковски на денешната прес-конференција.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *