Димковски: Интензивно работиме на мерки за спасување од климатските промени и негативните последици врз земјоделството

Вести

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, учествуваше на шестата сесија на Работната група  „Земјоделство и Рурален развој“, на Националната конвенција за Европска унија во земјава, на којашто темата беше  „Предизвиците во земјоделството соочено со климатските промени”.

На сесијата од универзитетските професори од Факултетот за земјоделство  храна беа презентирани моменталните состојби со влијанието на климатските промени врз земјоделството, регионите и земјоделските култури кои се најмногу изложени на климатските промени, и беа посочени предлози за преземање на мерки за ублажување на последиците.

Министерот Димковски посочи дека климатските промени предизвикуваат сериозни штети врз земјоделското производство, што крајно влијае и врз севкупната економија и за таа цел, Владата го формираше Националниот комитет за климатски промени и интензивно се работи на мерки за ублажување на последиците од климатските промени во земјоделството.

„Даваме големо значење на темата климатски промени, бидејќи прво на удар е земјоделството. Наскоро  ќе се објави и меѓународниот тендер за  избор на компанија за услуги за авионско засејување на облаците за превенција од природни непогоди, на што последнава година интензивно се работи. Воедно преку ИПАРД 2  програмата се финансира поставување на  заштитни мрежи и други технологии за прилагодување на земјоделството кон климатските промени“, изјави министерот Димковски.

При тоа Димковски посочи дека со последната функционална анализа финансираа од ЕУ преку Светска банка, е заклучено дека министерството  има потреба за формирање на посебен сектор за климатски промени.

Димковски посочи дека освен мерките преку Програмите за директни плаќања и за рурален развој, од исклучително значење е и соработката на министерството со ФАО за поддршка за управување со ефективен национален механизам за Зелениот климатски  фонд. Од друга страна УХМР, како што посочи министерот Димковски, изминатите две години спроведе реконструкција на клучните метеоролошки станици, со цел добивање на навремени и прецизни податоци за временски непогоди. Воедно, Димковски посочи дека МЗШВ изминатите две години започна неколку крупни капитални инвестиции во водостопанската инфраструктура, што ќе резултираат со зголемување на наводнуваните површини во државата.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *