Димковски во посета на Росоман каде се одвива откупот на праски

Вести Овоштарство

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ и градоначалникот на Општина Росоман, Бранко Јанев, вчера беа во посета на откупните пунктови на праски во Росоман.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) соопштија дека овој регион важи за најголем производител на праски во нашата држава, а во моментов во тек е откупот на росоманските праски кои оваа година, благодарение на поволните климатски услови, постигнаа висок квалитет, што придонесе тие годинава да достигнат повисока откупна цена и се откупуваат за 28 до 30 денари по килограм.

Најголем дел од праските, како што се посочува, се извезуваат на европските пазари, дел оди во поранешните југословенски републики и дел останува за домашниот пазар.

Сите откупни центри се отворени, полни со росоманска праска и откупот се одвива непречено. Сите учесници во процесот на откупување на праски, максимално ги почитуваат препораките на Владата, а доказ за тоа е посебната организација на работниот простор во откупните магацини, каде сите вработени се на соодветно растојание и целокупниот процес е приспособен на новите услови предизвикани од Ковид – 19. И покрај глобалната криза, праските постигнаа висока откупна цена, земјоделците се задоволни и откупот на сите пунктови се одвива со добра динамика и без никакви проблеми, потенцираат од Министерството.

Министерот Димковски им порача на откупувачите и производителите на праски дека треба постојано да бидат во добра комуникација, да нема манипулации со откупната цена и дека само така ќе остварат добри партнерски односи кои носат успех и резултати за сите учесници во процесот на производство и откуп.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *