Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски учествуваше на трибина во организација на Стопанската комора на Македонија, на тема „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“, заедно со претседателот на комората Бранко Азески, претставниците од бизнис секторот и земјоделските здруженија.
Отворени беа значајни прашања за земјоделството, а присутните имаа можност да ги посочат своите предлози за развој на секторот.
Министерот Димковски, посочи дека според последните статистички податоци, учеството на земјоделско-прехранбениот сектор во вкупниот бруто-домашен сектор е околу 13 отсто и е на прво место заедно со трговијата. Ова значајно учество го прави земјоделството еден од двигателите на македонската економија. Димковски потенцираше дека токму овие показатели се доказ дека земјоделството има огромен потенцијал да биде двигател на македонската економија и дека затоа Владата на Република Северна Македонија континуирано презема мерки за поттикнување на развојот на земјоделството и создавање на поволна бизнис клима за компаниите од агросекторот.
Претседателот на Стопанската комора на Македонија Азески, посочи дека земјоделскиот сектор иако има значаен придонес во домашната економија досега не бил соодветно третиран. Материјалот изработан од стручната служба на комората за работната средба претставува нов концепт за развој на нов тип на агро секторот и се клучни правци со цел зголемување на продуктивноста во дејноста, посочи Азески, што беше позитивно оценето од страна на министерот Димковски.
Министерот Димковски потенцираше дека изминатите две и пол години МЗШВ интензивно работи на реализација на капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура, коишто се важни за зголемување на земјоделското производство и создавање на конкурентни производи.
„Во моментов преку националните програми од МЗШВ се инвестира во браните Конско, Речани и само за овие две брани ќе се вложат околу 70 милиони евра во следните две до три години. Во моментот се гради системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, што е околу 24 милиони евра. Со заем од околу 80 милиони евра од германската банка KfW, ќе се реализираат инвестиции во капитални проекти за системи за наводнување, односно за системот Лисиче, браната Конско втора фаза, проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар трета фаза и Пепелиште. Тоа значи дека околу 170 милиони евра ќе бидат инвестирани од 2017 во следните 5 години, што е голема инвестиција во наводнувањето“, изјави Димковски.
При тоа, Димковски посочи дека преку проектот на Светска банка, околу 30 милиони евра ќе бидат инвестирани во изградба на откупно-дистрибутивни центри, што е важно за создавање на предуслови за амортизација на вишокот земјоделски производи и зголемување на извозот.
На трибината присутните стопанственици од агро секторот партиципираа со предлози и сугестии околу одредени прашања кои ги оптоваруваат компаниите. Присутните заклучија дека преку постојана, отворена и заедничка комуникација ќе се постигне целта за развој на земјоделско-прехранбениот сектор којшто има потенцијал да биде двигател на македонската економија.