До четврток трае доставувањето мостри, во петок се реализираат дегустација и избор за најдобри вина и ракии, во чест на верскиот празник „Свети Трифун“, што се смета за заштитник на лозарите и винарите, информираше денеска градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов.
-Со дегустацијата, оценувањето и изборот на најквалитетните вина и ракии, започнуваат активностите од „Неделата на виното“, со која се одбележува празникот на лозарите и винарите, „Свети Трифун“. Општина Неготино како организатор на настанот, ги информира индивидуалните производители и семејни винарии од цела Македонија, дека мострите за дегустација на бели, црвени и розе вина од реколтата 2022 година и ракиите, ќе бидат оценувани од страна на стручна комисија, составена од енолози, од Здружението на енолози на Македонија, соопшти градоначалникот.
Наградите и признанијата, на најдобрите производители на вина и ракии, ќе им бидат врачени на централната прослава по повод „Свети Трифун“, која во вторник на 14 февруари, ќе се одржи на градскиот плоштад во Неготино.