Интервју со Љупчо Николовски за сите досегашни успеси и новите предизвици

Вести Интервју

Здружение за земјоделци „Современо Земјоделство“ за второто издание на печатеното списание, јуни 2019, имаше чест да направи ексклузивно интервју со министерот Љупчо Николовски, кој зборува за сите досегашни успеси, но и идните предизвици што го очекуваат на новата позиција. Николовски истакна дека изминатите две години имаше голема чест да ја извршува функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, а особено затоа што се започнаа и реализираа многу крупни проекти, важни за развојот на земјоделството. За „Современо Земјоделство“ потенцираше дека од новиот министер очекува и му порачува, успешно да ги продолжи започнатите мерки и проекти, подготовките на целокупниот сектор за отворањето на поглавјата за земјоделство важни за претпристапниот дијалог со ЕУ, и секако да ја продолжи отворената комуникација со земјоделците и со сите чинители во секторот, затоа што само така може да се создаде модерно и конкурентно земјоделство кое ќе биде стожер на  економијата во државата.

 

Б.П.: Со Вашето застанување на позицијата Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, наследивте голем број на напластени проблеми, но сепак во 2018 година ги надминавте предизвиците и направивте многу за македонските земјоделци. Што Вам Ви остави најсилен белег и впечаток?

Љупчо Николовски: Точно, наследивме многу напластени проблеми, затоа уште од самиот почеток кога дојдов на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со мојот тим, подготвивме стратегија како еден по еден да се решаваат проблемите. Секако, не може се одеднаш да се реши, но дадовме се од себе во изминатите две години полека да го вратиме земјоделството на вистинскиот колосек. Треба да се има во предвид, дека земјоделството е комплексен сектор и како таков заслужува сериозен пристап и мерки во насока на негово унапредување. Воспоставивме отворен пристап со земјоделците и со сите чинители вклучени во секторот. Затоа ги активиравме подсекторските групи во кои членуваат земјоделските здруженија, стопанските комори, науката, секторите од МЗШВ, затоа што само така со заеднички предлози мерките ќе дадат позитивен резултат. Ги исплативме заостанатите долгови за субвенции од 2013, 2014, 2015 година, она што ги тиштеше нашите земјоделци, а паралелно за тековните години воведовме пракса на навремена и неселективна исплата, тогаш кога субвенциите им се најпотребни на земјоделците, за да можат да инвестираат во новото производство. Точно дека развојот на земјоделството е условен од владините мерки, но треба да се имаат предвид пазарните услови на домашен терен и од опкружувањето, како и климатските промени кои изминатите години имаат се поголемо негативно влијание врз земјоделското производство. Сведоци сме дека изминатите години не само во Македонија, временските услови беа лоши и во регионот, што пак влијаеше врз пазарот кај нас и резултираше со намалување на откупните цени кај дел од земјоделските производи и отежнат пласман.

Затоа како Влада и ресорно министерство, имавме обврска да им излеземе во пресрет на земјоделците и донесовме неколку интервентни мерки за покривање на загубите што ги претрпеа земјоделците. Ќе ги споменам  дополнителната субвенција од 6 денари за предадени праски, 2 денари за лубеници што ги воведовме уште на самиот старт, потоа зголемена субвенција за предадени домати од 3 на 7 денари за килограм,  дополнителна субвенција од 1 денар за грозјето од сортите вранец и смедеревка, со цел стабилизирање на пазарот на сливи се донесе субвенција од 2 денари за килограм откупени сливи за правните лица откупувачи. Сет мерки донесовме и за растителното производство односно за пченицата, со цел да овозможиме рентабилно производство и конкурентна мелничка индустрија. Лошите временски услови придонесоа за намалување на квалитетот на родот од индустриски јаболка. И тука интервениравме, воведовме нова дополнителна субвенција од 3 денари, а со цел стабилизирање на пазарот на ориз, воведовме дополнителна субвенција од 5 денари за килограм произведена и предадена арпа. Секако дека дополнителните субвенции не се долгорочно решение за проблемите кои што се јавуваат со пласманот на земјоделски производи, и затоа изминатите две години паралелно работиме на стратегија за долгорочно решавање на овој проблем и обезбедување на сигурен пласман. Во Програмите за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, направивме измени во дел од мерките со кои ќе ги поттикнеме земјоделците да го зголемат и модернизираат  своето производство, што крајно за нив ќе значи поголем приход, за државата поголем извоз и девизен прилив. Паралелно на располагање се мерките од ИПАРД 2 Програмата, за коишто за прв пат има рекорден број на склучени договори, само за првиот повик  од ИПАРД 2, (2014 – 2020)  кој се објави во 2017 година се склучени 947 договори, со кои се побаруваат 22 милиони. Започнуваме проекти со кои созадаваме услови за изградба откупни и дистрибутивни центри и заживување на договорното производство. Тука ќе го споменам проектот за воспоставување на услови за организирано земјоделско производство и проектот „Воведување и спроведување на мерките за Заедничко уредување на пазарите“, кој што е во рамките на Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија 2015, со којшто ќе се постигне поврзување на земјоделците со откупувачите, поттикнување на договорното производство преку склучување на цврсти договори, со кои земјоделците ќе бидат сигурни во откупот и цените, а откупувачите во производите што им се потребни.

Потоа, Факултетот за земјоделски науки и храна ја подготви Анализита за спроведување на инвестиции за изградба на откупно-дистрибутивни центри, којашто ќе ги опфати потребните сегменти за воспоставување на можни решенија и насоки за успешно функционирање на откупот и дистрибуцијата на овошје и зеленчук, а резултатите се од голема помош за министерството. Има уште многу мерки  коишто за овие две години ги преземавме, и искрено не би можел да издвојам некоја да е повеќе или помалку важна.

Б.П.: Оваа година, благодарение на Вас и Вашата упорност земјоделците конечно ќе ја добијат зелената нафта…тендерот е веќе објавен. Кога земјоделците реално ќе ја користат?

Љупчо Николовски: За прв пат оваа Влада ја воведува мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација односно популарно наречената „зелена нафта“. Мерката е ставена во годинешната Програма за директни плаќања, во моментов во тек е јавниот оглас за избор на компанија за набавка на гориво, што е последниот чекор во целата процедура за воведување на оваа мерка. Оваа мерка има единствена цел да им го олесни производството и да им ги намали производствените трошоци на земјоделците. Бидејќи се работи за сосема нова мерка, за оваа година како прва од воведувањето на оваа нова мерка, финансирањето ќе биде 30 отсто од трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација, со можност која што веќе е ставена и во законот понатаму овој процент да се зголемува и до 50%. Со мерката ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци што имаат полјоделски и градинарски култури, овошни и лозови насади, за што се обезбедени 200 милиони денари, толку пари враќаме назад кај земјоделците за да ги реинвестираат. Очекуваме дека веќе за есенската сеидба земјоделците ќе можат да набават евтина нафта за земјоделската механизација.

Б.П.: Во 2018 година младите фармери добија најголема поддршка досега со исплатени околу четири милиони евра за грантови. Како ќе биде оваа година?

Љупчо Николовски: Секоја мерка што ја преземаме е во насока земјоделството да го направиме една од основните базични гранки на кои ќе го темелиме идниот економски раст, а токму младите луѓе ја имаат клучната улога во остварување на оваа цел. Затоа наша обврска е да им помогне на секој на начин на младите луѓе да започнат сопствен агробизнис, да останат во своите родни краишта, таму да ја најдат среќата. 424 млади земјоделци добија неповратна финансиска помош од 10.000 евра. Во годинешната Програма за рурален развој оваа финансиска поддршка ја зголемивме од 10.000 на 20.000 евра. Дополнително од оваа година се отстранува границата од 18 месеци за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, со што се отвора можност за мерката да ја искористат повеќе млади луѓе. Но, не само преку оваа мерка, за да ги мотивираме младите лица да се вклучат во земјоделството овоможуваме поволности и преку други мерки. На пример,  Во ИПАРД Програмата нема специјално таргетирани мерки по однос на младите земјоделци, но младите земјоделци имаат бенефиции во делот на аплицирањето за мерките. Во новиот Закон за државно земјоделско земјиште една од клучните измени којашто ја правиме е во делот за младите земјоделци. Со цел нивна поголема вклученост во земјоделството и можност да започнат сопствен агробизнис, младите лица до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучување и стапување на сила на договорот.

Б.П.: Во Вашиот мандат  е постигната историски највисоката цена на откупот на тутунот…култура која е една од најпрофитабилните. А го инициравте и новиот закон со кој значително ќе се подобри и поедностави постапката за пријавување на производството на тутун.

Љупчо Николовски: Тутунот е наша стратешка извозна култура од која годишниот девизен прилив е околу 100 милиони евра. Изминатите две години се постигна највисока откупна цена на тутунот. Воведовме нов модел за повисоки субвенции за тутунот во три нивоа, 80 денари за прва класа тутун, 70 за втора и 60 денари за трета, четврта и дополнителни класи, со што ги поттикнуваме тутунарите да произведат што поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција. Изминатите две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, реколтата 2017-та тутунот се откупуваше по  217,6 денари за килограм, а 2018 цената беше 214,5 денари за килограм. Покажавме што значи сериозна посветеност на една држава кон земјоделските производители и кон една цела земјоделска гранка. Тутунопроизводителите зголемените субвенции за двете реколти ги добија навреме пред почетокот на новата производствена сезона, со исплата на сите тутунари во еден ден. Подготвивме и донесовме комплетно нов Закон за тутун и производи од тутун и сродни производи. Законот е донесен. Со новиот Закон ќе се подобри и поедностави постапката за пријавување на производството на тутун, се укинува издавањето на евидентниот лист, договорот на производството и откуп на тутун ќе се склучува со откупувачот на тутун кој директно го внесува во електронскиот систем за водење на евиденција на тутун-ИСЕТ, ќе се врши усогласување на роковите за пријавување и договарање на производството на тутун, јавната објава на договорот, обезбедувањето на семенскиот материјал, ќе се воведува, уредува и регулира производството, прометот и контролата на електронските цигари и контењерите за повеќекратно полнење, несогорливиот тутун и сродните производи и растителните (билни) производи за пушење.

Б.П.: Во 2018 година започна изградбата на деценискиот сон на гевгеличани, браната Конско во Гевгелија, но и изградбата на системот за наводнување на тетовски Полог.

Љупчо Николовски: Капиталните инвестиции во водостопанската инфраструктура беа клучен приоритет изминативе две години, бидејќи наводнувањето е основа за конкурентно земјоделско производство. Започнавме со реализација на крупни капитални проекти со кои ќе се обезбеди навремена достапност до вода за наводнување и ќе се зголемат наводнуваните површини. Изградбата на браната Конско е во полн ек и досега околу 30 отсто е реализацијата. Со изградбата на три подсистеми на оваа брана ќе се наводнуваат околу 8.000 хектари плодно обработливо земјиште. Изградбата на овој хидросистем претставува најголем инфраструктурен зафат во овој регион изминативе 50 години. Висината на оваа инвестиција изнесува 40 милиони евра, обезбедени од буџетот на МЗШВ. Реализацијата на овој капитален проект е од исклучително значење за гевгелискиот регион, за ефикасно наводнување на земјоделските површини. Освен за наводнување, водите од акумулацијата Конско и протечните води ќе се користат и за производство на електрична енергија, а ова езеро ќе поттикне нова туристичка понуда на Гевгелија и услови за развој на риболовниот спорт и рекреација. Исто така, во тек е изградбата на системот за наводнување „Равен-Речица“, со кој ќе се  овозможи зголемување на наводнуваните земјоделски површини во Полошкиот Регион. Со овој систем за наводнување ќе се наводнува земјоделската површина што се протега од десната горна страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина, односно до границите на градежните урбанизирани површини на населените места во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово, почнувајќи од Здуње сè до Мала Речица. Со хидромелиоративниот систем ќе биде опфатена и дополнителна површина од 300 хектари, која се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, во атарот на населеното место Горно Седларце. Со ова, со системот за наводнување „Равен – Речица“ вкупно ќе се наводнуваат над 3.300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово. Паралелно, се одвиваат и другите проекти, започна изградбата на Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар втора фаза, проект кој ќе овозможи наводнување на дополнителни 1.700 хектари. Започна изградбата на браната “Речани“ на Оризарска Река во општина Кочани. Обезбедивме 3,5 милиони евра  за заокружување на реализацијата на првата фаза од Проектот за водоснабдување ХС Злетовица, која се однесува на водоснабдување со квалитетна вода за пиење и поврзување на општините Карбинци, Лозово и  Штип со овој систем. Во следниот период активностите на МЗШВ ќе бидат во насока на реализација на втората и трета фаза од ХС Злетовица со кои ќе се обезбеди систем за наводнување на 4.100 хектари земјоделско земјиште и изградба на шест мини-хидроцентрали. Во тек е спроведување на проектот финансиран од ЕУ „Мали еколошки системи за наводнување“, во неколку мапирани региони. Првите три физибилити студии се готови и започнува тендерската постапка за избор на изведувачи во три региони за овие системи, а во штипскиот регион тоа е хидросистемот Славишко поле. Во моментов се прават физибилити студии за три нови системи исто така поддржани од ИПА. Со проектот на ЕУ „Мали нискотрошковни, еколошки прифатливи системи за наводнување“ е предвидена изработка на проектна документација за изградба на 8 мали системи за наводнување на неколку локации во државата. Од друга страна, завршена е реконструкцијата на браните “Пишица“, “Мавровица“, “Слатино“, “Дрен“ и “Липа“.

Б.П.: Неодамна Владата на РСМ го утврди новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште. Со новите законски измени се овозможува правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп и ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште во државата. Кои се клучните измени?

Љупчо Николовски: Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште, во моментов е во собраниска процедура. Со новото законско решение овозможуваме правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп и ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште во државата. Измените се направени врз основа на детални анализи од тимот од секторот за земјишна политика на МЗШВ и консултации со земјоделските здруженија.

Една од клучните измени која што ја правиме е во делот за младите земјоделци, како што кажав, младите лица до 40 години ќе бидат ослободени од плаќање на закупнина три години од склучување и стапување на сила на договорот. Исто така, решаваме еден долгогодишен проблем на одгледувачите на пчели, а тоа е недостигот на површини за поставување на пчелни семејства. Со новите измени, се проширува намената на земјоделско земјиште кое може да се додели во закуп со можност и за поставување на пчелни семејства.          Досегашниот закон не дозволуваше доделување на земјоделско земјиште на земјоделци кои веќе имаат склучено договор за закуп, иако тој договор може да е само за 1, 2 или 3 хектари. Со сегашните измени им овозможуваме на овие земјоделски стопанства да аплицираат на огласи за закуп се до обезбедување на површини од 10 хектари. На тој начин се создаваат услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството. Под закуп ќе се доделува и земјиште со насад подигнат од непознат сопственик а за кој нема други правни товари. На овој начин ќе го ставиме во функција на земјоделско производство целокупното земјиште во државна сопственост, со тоа што ќе се распишат јавни повици за доделување на таквото земјиште пред се на земјоделците кои користат такво земјиште. Ова ќе доведе до поефикасна распределба на земјиштето поради отстранување на потребата од спроведување на нова постапка. Законските измени предвидуваат и нов рок за легализација на бесправно подигнати оранжерии, помошни објекти и објекти за примарна обработка на земјоделски производи до 31.07.2020 година, со што се создаваат услови земјоделците тие објекти да ги адаптираат за современо земјоделско производство со помош на искористување на европските фондови. Исто така, со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти и изградба на објекти за спортско рекреативни активности. Тоа ќе придонесе за зголемување на инвестициите во ваков тип на објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД програмата, и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам. Во делот на банкарските гаранции воведуваме алтернативна можност за закупците, односно наместо банкарска гаранција за квалитетно и навремено извршување на договорот да обезбедат депозит на сметка на буџетот на РСМ. Ова се само дел од клучните измени, со кои како што кажав ќе се придонесе до правилна распределба на државното земјоделското земјиште под закуп што ќе резултура со зголемени обработливи површини и зголемено производство на квалитетни, конкурентни и безбедни земјоделски производи.

Б.П.: Со 202 капитални проекти изработени од 80 општини и 8 плански региони, создавате услови за подобар и достоинствен живот за граѓаните во сите општини во државата. Започнавте со потпишувањето на решенијата за проектите на сите општини и плански региони. Какви капитални инвестиции ќе се реализираат?

Љупчо Николовски: Пред две недели започна потпишувањето на решенијата со 80 општини и 8 плански региони. Преку Програмата за рурален развој, која се спроведува од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, од буџетот на Република Северна Македонија, обезбедени се финансиски средства од околу 38 милиони евра, за реализација на 202 проекти во сите општини и плански региони. Со овие средства директно ќе се овозможи подобрување на условите за живот во малите општини и руралните средини. Општините имаат подготвено навистина квалитетни капитални проекти за различен вид на инвестиции од реконструкција и изградба на локални патишта, проекти за водоводна и канализациона инфраструктура, партерно уредување, плоштади, пазари, домови за култура и друго, коишто се потребни за граѓаните, за локалната самоуправа и за руралните средини, и ќе придонесат во делот на развојот на економијата, на земјоделството во регионите. Ова се дополнителни 38 милиони евра коишто ќе бидат инвестирани во капитални инвестиции за потребите кои се најважни за граѓаните. Со потпишувањето на решенијата, општините веќе можат да пристапат кон спроведување на јавни набавки и склучување на договори за почеток на градежните работи за проектите.

Б.П.: Што очекувате на новата позиција и имате ли некој совет што би сакале јавно да го истакнете за човекот кој ќе застане на позицијата Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство?

Љупчо Николовски: Партиската функција и задача Генерален секретар на СДСМ е голема чест за мене, но и голема одговорност и обврска која со задоволство ја прифатив и одговорно ќе ја извршувам. СДСМ како партија е столб на демократијата во земјата, партија која ги решава најголемите и најважните проблеми на граѓаните и која докажа дека работи исклучиво за нивните интереси.

Моја задача ќе биде да го зајакнам капацитетот и процесите во партијата со цел таа и сите функционери на СДСМ да можат уште посилно и подобро да одговорат на задачите и одговорностите кои ги имаат пред граѓаните. Знам, ова е многу значајно не само за партијата туку и за сите граѓани и за напредокот на земјата во целост. Целиот капацитет на партијата ќе биде насочен кон забрзано подобрување на животот на граѓаните. Изминатите две години ми беше голема чест да ја извршувам функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и особено ми е драго што започнавме и реализиравме многу крупни проекти, важни за развојот на земјоделството. Од новиот министер очекувам и му порачувам, успешно да ги продолжи започнатите мерки и проекти, подготовките на целокупниот сектор за отворањето на поглавјата за земјоделство важни за претпристапниот дијалог со ЕУ, и секако да ја продолжи отворената комуникација со земјоделците и со сите чинители во секторот, затоа што само така може да создадеме модерно и конкурентно земјоделство кое ќе биде стожер на нашата економија.

М-р Билјана Петровиќ

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *