ФАО ги поддржува напорите на земјата за спроведување на Национален инвентар за шумите

Вести

Со помош на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (ФАО), шумарскиот сектор во Македонија презема понатамошни чекори за одржливо управување со шумските ресурси и зголемување на придонесот на шумарскиот сектор во националната економија и руралниот развој.

Одржливото управувањето со шумските ресурси значи обезбедување, дури и зголемување на нивните придобивки, вклучувајќи од дрвни и останати шумски производи, за задоволување на потребите на општеството на начин кој ги зачувува и одржува шумските еко-системи во корист на сегашните и идните генерации.

Во исто време, одржливото стопанисување со шумите бара соодветни и квалитетни информации за моменталниот статус и промените во шумските екосистеми. И покрај деталното и добро воспоставено планирање на шумите на ниво на насад, во Република Македонија нема достапни ажурирани информации за моменталната состојба и трендовите на шумските ресурси на национално ниво. Последниот таканаречен “брз” инвентар на шумите во Македонија е спроведен во 80-те години.

На почеток на 2018 година, ФАО додели финансиска и техничка помош за поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) да ја развие методологијата за спроведување на Национален инвентар за шумите.
Проектот се фокусира на зајакнување на националните капацитети за развој на најсовремен национален систем за следење на шумите кој ќе овозможи донесување на одлуки базирани на факти во доменот на шумарскиот сектор. МЗШВ со помош на ФАО ќе работи на подготовка на прелиминарна проценка на земјишниот покров/користење на земјиштето, како основа за дизајн на Националниот инвентар на шумите.

Во просториите на МЗШВ во Скопје, како дел од првата фаза од проектот, се одржува работилница за проценка на потребите за информации, со цел да се воспостави широк консензус на национално ниво помеѓу сите засегнати и заинтересирани страни за пристапот и податоците кои треба да бидат собрани во идната националната инвентаризација на шумите.
На работилницата присуствуваа повеќе од 30 претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и просторно планирање, ЈП Македонски шуми, Шумарскиот факултет, Државниот завод за статистика, Националната агенција за катастар, експерти за шумарство, национални контакт лица за Конвенциите на Обединетите Нации за борба против климатските промени и опустинување, невладини, како и меѓународни организации.
“Одржливото управување со шумите ги спречува деградацијата и уништувањето на шумите, и придонесува за зголемување на директните придобивки за луѓето, економијата и животната средина, преку здрава политика и одржливи практики”, истакна Норберт Винклер – Ратони, службеник за шумарство од Регионалната канцеларија на ФАО во Будимпешта, кој го води овој проект. Винклер нагласи дека ФАО поддржува различни земји-членки во собирање подетални податоци за шумарството преку националните инвентари за шумите и во воспоставувањето на националните системи за мониторинг на шумите.

Тој, исто така, истакна дека најсовремените системи за мониторинг на шумите во денешно време вклучуваат не само информации за обемот, растот или падот на шумските ресурси, туку исто така вклучуваат и информации за улогата на шумите во зачувувањето на биолошката разновидност, намалување на влијанијата од климатските промени, обезбедување на други услуги на екосистемите, како и информации за шумите од социо-економски аспект, вклучително нивниот придонес за подобрување на условите за живот во руралните средини и намалување на сиромаштијата.

Прецизните и навремени информации за шумските ресурси станаа критични за националното планирање и донесување одлуки и се особено важни за земјите да ги исполнат заложбите од Парискиот климатски договор и Агендата за Одржлив Развој 2030.

Овој проект ќе ја постави основата за континуирани, систематски инвентари на шумите во иднина, што ќе овозможи донесување на политики и практики базирани на факти, во насока на одржливо управување со шумските ресурси, согласно со целите за одржлив развој.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *