Инвестирањето во зелени површини може да помогне да се трансформираат градовите во поодржливи, отпорни, здрави и пријатни места за живеење, вели ФАО на Меѓународниот ден на шумите (21 март 2018 година).
Ако се планирани и добро управувани, градовите можат да бидат одлични места за живеење, но масовната урбанизација предизвикува хаос во животната средина – што води до проблеми како високи температури, поплави и загадување на воздухот. Последица за граѓаните е влошената благосостојба. Последиците за планетата вклучуваат зголемени емисии на стакленички гасови, деградацијата на почвите, како и изворите на водоснабдување – според публикацијата на ФАО за шумарство Unasylva, чие последно издание е посветено на урбаното шумарство како дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на шумите.
“Добро управуваните шуми и дрвја во и околу градовите обезбедуваат живеалишта, храна и заштита за многу растенија и животни, помагајќи да се одржи и зголеми биолошката разновидност”, изјави генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва, во својата видео порака по повод Меѓународниот ден на шумите. Тој ја истакна потребата “со здружени сили да се заштитат шумите и дрвјата што ќе ги направи урбаните средини поодржливи”.
Градовите имаат потреба од шуми и дрвја
Повеќе од половина од светското население денес живее во градовите, а до 2050 година речиси 70 проценти од светот ќе бидат урбанизирани. Иако градовите заземаат само три проценти од површината на Земјата, тие трошат 78 проценти од енергијата и испуштаат 60 проценти јаглероден диоксид.
Шумите и дрвјата вршат широк спектар на витални функции – како складирање на јаглерод, прочистување на воздухот, одржување на безбедноста на храната, енергијата и водата, регенерирање на деградираните почви и спречување на суши и поплави. Во град со средна големина, на пример, урбаните дрвја можат да ја намалат загубата на почвата за околу 10.000 тони годишно.
Со ладење на воздухот, шумите и дрвјата во урбаните средини можат да ги намалат екстремните температури и да ги ублажат ефектите од климатските промени. Всушност, дрвјата соодветно поставени околу зградите можат да ги намалат потребите за климатизација за 30 проценти. Во градовите со постудена клима, со заштита на домовите од ветрот, дрвјата можат да придонесат за заштеда на енергија што се користи за греење за 20-50 проценти.
Шумите во урбаните и приградските области можат да ја зголемат отпорноста и квалитетот на водотеците и резервоарите за вода преку спречување на ерозијата, ограничување на евапотранспирацијата и филтрирање на загадувачите. Исто така, садење на овошни дрвја може да ја зголеми достапноста на храна во градовите.
Инспиративни приказни од целиот свет
Многу градови веќе ги демонстрираат своите заложби за поодржлива иднина и има одлични примери на зелен урбан развој – според новата публикација на ФАО насловена “Шуми и одржливи градови – инспиративни приказни од целиот свет”, која се објави денес по повод Меѓународниот ден на шумите.
Публикацијата истакнува многубројни начини на кои градовите ширум светот ги користат шумите и дрвјата за да ги подобрат условите за живот на своите граѓани, што може да послужи како инспирација за другите.
Чудото од пошумување во Пекинг
Пекинг е еден од најнаселените и најзагадени градови во светот. Без шуми и други зелени површини градот ризикува да стане вистинска џунгла со сè поголеми негативни ефекти врз здравјето и благосостојбата на жителите.
Во 2012 година, Пекинг ја започна најголемата програма за пошумување во својата историја. Во приградските и урбаните области, повеќето површини беа пошумувани по преселувањето на лесните индустриски капацитети. Шумите, кои сега покриваат повеќе од 25 проценти од градската средина – зголемени за 42 проценти – им обезбедуваат на жителите поголем простор за рекреација.
Вклученост на заедницата во Најроби
Шумата Карура на север од главниот град на Кенија, Најроби, некогаш била област каде владеел криминал. Близината на шумата до брзорастечкиот град наведе на планови за намалување на шумската површина и нејзина урбанизација. Но, по вклучување на локалните заедници во управувањето, состојбата се менува на подобро.
Активистите за заштита на животната средина, предводени од Вангри Матаи, започнаа јавна кампања за спасување на шумата. Соработката со различни засегнати страни, вклучувајќи ги и локалните власти, приватниот сектор, здруженијата на заедницата со жителите, донаторите и невладините организации, одиграа одлучувачка улога во подобрувањето на управувањето со шумите во Карара.
Локалните луѓе уживаат значителни придобивки од директното учество во процесот. Шумата веќе не е опасно место за нив, туку извор на можности. Во неа работат 46 постојани работници, од кои 36 се од околните заедници. Шумата, исто така, стана значајна туристичка атракција: од нула посетители во 2009 година, шумата сега ја посетуваат во просек 16.000 посетители месечно.
Лима: намалување на ризикот од природни катастрофи
Во Лима / Перу, општината започна проект за пошумување во 2015 година за да ја намали опасноста од лизгање на земјиштето. Мештаните беа обучени за пошумување и како истото помага да се намали ризикот од катастрофи бидејќи ги стабилизира падините, контролира и спречува одрони, задржува кал и седименти, и ја подобрува животната средина.
Површина од 14 хектари, со големина од пет фудбалски игралишта, е пренаменета во парк, кој вклучува патеки и простории за семејна рекреација. Како резултат на тоа, засадени се 23.000 дрвја и инсталиран е систем за наводнување ‘капка по капка’ кој користи третирана отпадна вода.
Активности на ФАО во урбани шуми
ФАО поддржува усвојување на урбанистички решенија за урбани шуми во градовите со упатства, како и бројни технички и комуникациски алатки.
На пример, во Нигерија, ФАО и помогна на Владата во елаборирањето на националната политика за управување со зелените површини во и околу градовите за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени.
Во Капе Верде, ФАО ја поддржа Владата во изработка на интегрирани планови за урбано шумарство во Праја и во други поголеми градови, преку организирање на обуки за техничари за планирање, проектирање и управување со урбаните зелени површини и изградба на нови расадници.
Меѓународен ден на шумите
Со оглед на тоа што оваа година Политичкиот форум на високо ниво ќе ја разгледува Целта за одржлив развој 11 да се направат градовите и населбите поинклузивни, посигурни, поотпорни и поодржливи, како и Целта за одржлив развој 15 за заштита на копнените екосистеми, изборот на темата за Меѓународниот ден на шумите оваа година е во согласност со потребата да се нагласат различните придобивки од урбаните шуми.
На 21 март, ФАО го одбележува Денот на тема “Шуми и одржливи градови” со специјална церемонија во седиштето на ФАО во Рим, на која ќе присуствуваат претставници од градска администрација од Лима, Љубљана, Филаделфија и Мантова.