ФАО: Нема докази дека добитокот и домашните миленици можат да го пренесат корона вирусот (COVID-19) на луѓето

Вести

Од почетокот на глобалното ширење на корона вирусот (COVID-19), Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) соработува со Светската здравствена организација (СЗО) и Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) за поддршка на земјите членки во идентификување на потенцијални домаќини на овој вирус кај животните и спречување на негово пренесување на луѓето.

Истрагите да се разбере епидемиологијата на COVID-19 и вклученоста на животните како резервоар на вирусот или привремени домаќини, се во тек. Во овој момент, сепак, најголем ризик од ширење на COVID-19 е пренесувањето од човек на човек. Оттука, СЗО е надлежен и примарен извор на информации во врска со човековите здравствени аспекти на ширење на вирусот.

ФАО континуирано ги следи и споделува информациите за состојбата со корона вирусот на глобално ниво и ги координира активностите за превенција, подготвеност и откривање кај животните во соработка со СЗО и ОИЕ, по принципот на единствен здравствен пристап One Health.

Нема докази за вмешаност на животните (добиток и домашни миленици) во ширењето на корона вирусот и нема потреба за преземање на мерки што можат да ја загрозат благосостојбата на животните. Наместо тоа, ФАО ги промовира вообичаените хигиенски практики на миење раце пред и после контакт со или хранење на добиток и домашни миленици, вклучително и внимателно ракување со месо од диви животни, во согласност со нормалната добра практика.

Од почетокот на појавата на COVID-19, ФАО активно ги промовира хигиенските практики и новостите за епидемијата преку своите комуникациски канали на глобално ниво и ја советува јавноста да ги земе предвид следниве пораки:
Во моментов нема докази дека кучињата играат улога во ширењето на COVID-19. Како општа пракса, при грижата за кој било вид на животни, секогаш мијте ги рацете пред и после комуникација со нив.
Луѓето не треба да ракуваат, колат, продаваат, подготвуваат или консумираат месо што потекнува од диви или домашни животни кои се болни или кои умреле од непознати причини.
Не треба да се консумира сирово месо од дивеч или необработени јадења кои содржат крв од диви животни. Овие практики ги доведуваат луѓето во висок ризик од заразување со бројни инфекции.
Било каква невообичаена болест или смрт кај животните треба да се пријави кај надлежните органи за здравјето на животните.
Со цел да придонесе за превенција и контрола на ширењето на корона вирусот, ФАО препорачува сите активности да бидат координирани со еден здравствен пристап, односно тесна соработка меѓу експертите за здравјето кај животните, луѓето и животната средина.

Белешка за медиумите:
За да се избегне погрешно толкување на улогата на животните во пренесување на корона вирусот на луѓето, ФАО советува фотографии или икони од животни да не се користат во било какви комуникациски материјали или пораки поврзани со корона вирусот COVID-19.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *