ФАО обучува преку Интернет 350 ветеринари од Балканот за подготвеност на африканска свинска чума

Вести Сточарство

Иако вниманието на медиумите е свртено кон човечката пандемија, африканската свинска чума сè уште е многу важен проблем. Беснеејќи низ три континенти, никогаш досега во историјата болеста не беше толку широко распространета со толку милиони животни погодени. Болеста носи огромни економски трошоци, значителни нарушувања во трговијата и сериозно влијае на руралниот живот.

 

Во Европа, болеста прогресивно се шири од Грузија, каде влезе уште во 2007 година, во Централна Европа, погодувајќи ги повеќето земји на нејзиниот пат. Денес, болеста е веќе присутна на Балканот, при што Србија, Бугарија, Романија и Грција пријавуваат епидемии, а под закана е целиот Балкански регион.

За да помогне во подготвеноста, ФАО денес започнува онлајн обука на српски јазик, на која учествуваат 350 ветеринари од Балканот (вклучувајќи ги Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, и Србија). Обуката ќе трае шест недели во јули и август 2020 година (почнувајќи од 1 јули). Ветеринарните служби од балканскиот регион беа поканети да достават номинации за курсот. Оваа обука следи по успешен пилот курс (во ноември 2019 година) и курс за европските земји на англиски јазик (во април-мај 2020 година).

 

„За да се оптимизира подготвеност, рано откривање и одговор на можен влез на африканската свинска чума, важно е да се обучат оние во првата линија на одговор: ветеринарите – што е можно повеќе“, вели Даниел Белтран-Алкрудо, специјалист на ФАО за здравје на животните. „Балканот е во голем и непосреден ризик од влез на африканска свинска чума и треба соодветно да се подготви“, додава тој.

 

За да се олесни подготвеноста, ФАО започна со стандардизирање на материјали за обука, вклучително презентации, упатства и други материјали, што во случај на вонредна состојба овозможува брзи преводи, прилагодување кон спецификите на државите и пренесување до што е можно повеќе ветеринари преку обука за обучувачи (каскаден пристап). Ваквиот пристап веќе се покажа како ефикасен на Балканот во периодот 2018-2019 година.

 

Сепак, дури и со каскадни тренинзи, ФАО не можеше да се справи со огромната и растечка побарувачка за обуки за болеста од земјите со висок степен на ризик или заразување.

 

Затоа, се донесе одлука да се премине на Интернет обуки, што нуди неколку предности: лесно е и економично да се надоградат, може да вклучат стотици луѓе од различни локации и им овозможува на учесниците да учат според нивно темпо, во време кога нив им одговара. Во време на ограничувања за патувања и состаноци заради пандемијата Ковид-19, учењето преку Интернет станува уште поважно.

 

За наставните програми, се користи Прирачникот на ФАО за рано откривање и дијагностицирање на африканска свинска чума, кој е достапен на неколку јазици.  Содржината е креирана од тим на експерти за африканска свинска чума, вклучувајќи ги и Институтот Friedrich-Loeffler, ветеринарните служни на Литванија, ФАО референтниот центар за африканска свинска чума, како и поддршка од Европската комисија за контрола на болеста шап и лигавка (EuFMD) при подготовка и спроведување на онлајн обуки за здравјето на животните.

 

За курсот

 

Курсот содржи седум модули за обука кои опфаќаат низа теми:  влијанието на болеста, клиничката и лабораториската дијагностика, епидемиологија, истрага за појава на епидемии, контролни мерки, биосигурност и африканска свинска чима кај диви свињи. Курсот започнува со вебинар кој објаснува како ќе се одвива обуката и со претставување на обучувачите. Обучувачите се експерти во дијагностика, епидемиологија или контрола на африканска свинска чума. Учесниците имаат пристап до материјали за обука, форум за дискусии, снимки на веб-содржините и список на дополнителни ресурси.

 

Бидејќи курсот е отворен во времетраење од шест недели, секоја недела е опфатена специфична тема со користење на форум за дискусии, каде учесниците и обучувачите можат да дискутираат и да комуницираат. Обучувачите објавуваат прашања за да ги предизвикаат учесниците и да го продлабочат разбирањето на материјалот.

 

Курсот завршува со проценка на курсот и завршен вебинар кој опфаќа теми кои биле или тешки за учесникот или предизвикале најголема дискусија на форумот. На учесниците кои ги завршуваат сите потребни задачи и го положуваат оценувањето на крајот од курсот, им се доделува сертификат. Учесниците на крај можат да дадат предлози за натамошно подобрување на курсот.

 

 

 

Документи:

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на македонски јазик)

http://www.fao.org/3/i7228mk/i7228mk.pdf

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на албански јазик)

http://www.fao.org/3/i7228sq/I7228SQ.pdf

Африканска свинска чума: Откривање и дијагноза (на англиски јазик)

http://www.fao.org/3/a-i7228e.pdf

Африканска свинска чума кај диви свињи: Екологија и биосигурност

http://www.fao.org/3/ca5987en/CA5987EN.pdf

Добри практики за биосигурност кај секторот свињарство

http://www.fao.org/3/ca5987en/CA5987EN.pdf

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *