ФАО помага во зајакнување на малите земјоделски стопанства и семејните фарми

Вести

Овие два дена околу 70 експерти и претставници на влади од Европа и Централна Азија се состануваат во Будимпешта фокусирајќи го своето внимание на подобрување на состојбата на малите земјоделски стопанства и семејните фарми.

ФАО напорно работи на адресирање на ова прашање, што во голема мера е актуелно во целиот регион – работилницата во Будимпешта е уште еден чекор во овој процес.

Како резултат на политичките и економските структурни промени во 1990-тите, во Европа и Централна Азија денеска во голема мера се застапени малите земјоделски стопанства и семејните фарми, наспроти само неколку земји каде доминираат големи земјоделски корпорации.

“Семејното земјоделско производство, иако е основа на земјоделството во регионот, често не е економски одржливо”, изјави Мортен Хартвигсен, менаџер на регионалната иницијатива на ФАО за зајакнување на малите сопственици и семејните фарми. Руралното население останува најсиромашниот и најранлив дел од општеството. Всушност, повеќе од 60 отсто од сиромашните во Европа и Централна Азија живеат во рурални средини “.

Сепак, земјоделците се клучен ресурс за постигнување одржлив економски, социјален и еколошки развој, додаде Хартвигсен. Оваа идеја се рефлектира во Целта за одржлив развој “Свет без глад”, во која една од специфичните цели е до 2030 година да се удвои земјоделската продуктивност и приходот на малите производители на храна.

Меѓу учесниците на работилницата во Будимпешта се претставници на министерствата за земјоделство, труд и социјална заштита од неколку земји во регионот, вклучително и Македонија, заедно со донатори и претставници од релевантни граѓански организации и меѓународни организации. Од ФАО присуствуваат технички експерти, како и претставници од националните канцеларии на ФАО.

Главна цел на учесниците е да стекнат поголемо разбирање за семејното земјоделство преку дискусии и бројни презентации од секоја од земјите.

ФАО спроведе национални студии и подготви регионален извештај со синтеза од утврдените потреби, предизвици и препреки со кои се соочуваат малите земјоделски стопанства и семејните фарми во седум земји: Албанија, Ерменија, Македонија, Грузија, Киргистан, Молдавија и Таџикистан. Резултатите од овој извештај ќе бидат презентирани и потврдени на оваа работилница.

Друга цел на работилницата е да се разгледааат идните активности поврзани со Декадата на Обединетите нации за семејно земјоделство 2019-28. ФАО продолжува да работи на одговарање на потребите на земјите, како и зголемување на потребната поддршка за малите и семејни фарми во регионот, со цел остварување на поголема кохезија и посилно влијание од поддршката.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *