Според последниот извештај на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), цените на храната во март достигнаа највисоко ниво досега. Поскапеа основните житарки и растителните масла.
Индексот на цените на храната кој го пресметува ФАО, во март во просек изнесувал 159,3 поени, што е зголемување од 12,6 отсто во однос на февруари, кога го достигна највисокото ниво од 1990 година, додека во споредба со март 2021 година бележи скок од цели 33,6 отсто.
Индексот ги следи месечните промени на меѓународните цени на пет основни прехранбени производи со кои се тргува.
Цените на житарките се зголемиле за 17,1 отсто на месечна основа во март, поттикнати од растот на цените на пченицата и на сите главни житни култури, најмногу поради војната во Украина.
Пченицата минатиот месец беше поскапа за 19,7 отсто отколку во февруари, поради загриженоста за состојбата со посевите во САД, додека цената на пченката порасна за 19,1 отсто на месечно ниво, достигнувајќи рекордно високо ниво заедно со јачменот.
Спротивно на тоа, цените на оризот, во зависност од регионот и квалитетот, варираат благо во однос на февруари, додека на годишно ниво и понатаму се во пад за 10 отсто.
Цените на растителните масла се зголемија за 23,2 отсто во март, поттикнати од повисоките цени на сончогледовото масло, чиј најголем извозник во светот е Украина.
Цените на палминото, соиното и маслото од репка, исто така, значително се зголемија како резултат на повисоките цени на сончогледовото масло и суровото масло, додека цените на маслото од соја беа дополнително зголемени поради загриженоста за понискиот извоз од Јужна Америка.
Котациите на шеќер на глобалниот пазар се зголемени за 6,7 отсто во однос на февруари, со што се смени неодамнешниот надолен тренд, а во однос на март 2021 година се повисоки за 20 отсто.
Цените на месото се зголемија за 4,8 отсто во март, достигнувајќи го највисокото ниво во историјата, предводено од растот на цените на свинското месо поради недостигот на свињи за колење во Западна Европа. Глобалните цени на месото од живина исто така се зголемија поради падот на залихите во земјите кои се водечки извозници по избувнувањето на птичјиот грип.
Што се однесува до млекото и млечните производи, нивните цени се зголемија за 2,6 отсто на месечна основа во март и за 23,6 отсто на годишно ниво, бидејќи цените на путерот и млекото во прав нагло скокнаа поради зголемената побарувачка за увоз, особено во Азија.
Во посебен извештај, ФАО даде нова прогноза за глобалното производство на пченица во 2022 година. Сега предвидува принос од 784 милиони тони, што е за 1,1 отсто повеќе од минатата година.
Заокружувајќи го извештајот за производството на жито во 2021 година, агенцијата на ОН процени дека глобалното производство изнесува 2.799 милиони тони, што е малку повисоко отколку во 2020 година, при што производството на ориз достигна највисоко ниво од 520,3 милиони тони.
Глобалната потрошувачка на житни култури во 2021/22 година е проектирана на 2,789 милиони тони.
Глобалните залихи на жито се предвидува да се зголемат за 2,4 отсто оваа година од основните нивоа, главно поради повисоките залихи на пченица и пченка во Русија и Украина поради помалиот извоз од планираниот.
Според ФАО, глобалните резерви на жито ќе бидат 29,7 проценти во 2021/22 година, што е занемарливо пониско од претходната година и сè уште е релативно добро ниво на понуда, се вели во извештајот објавен на веб-страницата на ФАО.