На синоќешното Собрание на учесници во консолидација на земјоделско земјиште од село Егри, кое се одржа во Битола, со мнозинство гласови сопствениците на земјоделско земјиште го усвоија предлог планот за распределба на земјоделското земјиште, како завршна фаза во постапката за консолидација во катастарската општина Егри. Собранието го организираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, надлежно за спроведување на националната политика за консолидација за земјоделско земјиште.
Проектот за консолидација во битолското село Егри, во кој учествуваат 214 сопственици на земјиште, е првиот комплексен консолидационен проект во државата, но и во поширокиот регион. Со помош на овој план за прв пат 336 хектари земјоделско земјиште се окрупнија, по принципот на распределба на земјишните парцели со промена на границите, кој вклучува и интервенции во инфраструктурно подобрување.
Конкретно, во Егри, со консолидацијата, бројот на уситнети парцели се намали за околу три и половина пати. Поточно, почетните 874 парцели се намалува на 260 окрупнети парцели, а просечната големина на парцелите од 0,38 ха пред консолидацијата, се зголеми на околу 1,3 ха по консолидацијата. Или претходно просечниот број на парцели по сопственик бил повеќе од четири парцели. Сега со консолидацијата просекот е околу една до две парцели на сопственик.