Годинава ќе има мед, не само за лек, туку и за извоз во Словенија

Вести Пчеларство

Пчеларите се надеваат дека годинава ќе има доволно мед, а и оти ќе почнат да извезуваат во Словенија, која покажа интерес за македонскиот мед. Од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија велат дека има услови за зголемување на пчелните семејства, а во прилог на тоа е и зголемената потрошувачка на мед во државата.

Годинава прогнозите на пчеларите се дека ќе има доволно мед не само за лек туку и за задоволување на домашните потреби. Пчеларите се надеваат дека  по неколку лоши години, годинава ќе биде медоносна и ќе ги соберат планираните количества мед. Ако се произведат поголеми количества мед може и да извезуваме, а засега интерес за увоз на македонски мед пројавила Словенија.

Претседателот на Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија, Менде Трајковски, вели дека последниве години климатските промени, проследени со суша, мразеви и многу дождови, негативно влијаат врз пчеларството. Посебно ниските ноќни температури, зашто за да има  нектар треба ноќните температури да се околу 15 степени.

– Годинава очекуваме да има повеќе мед од лани, а доколку произведеме повеќе ќе може да го пласираме на европските пазари, бидејќи проблемите се надминати. Испративме понуда за извоз на мед во Словенија, која покажа интерес за македонскиот мед. Се надеваме, ако годинава произведеме доволно мед ќе успееме да го пласираме надвор по добра цена, вели Трајковски и додава дека за тоа ќе треба да почекаме до август кога ќе знаеме дали ќе имаме доволно количества за извоз.

Што се однесува до цената на медот, тој вели дека годинава не се очекуваат поголеми промени, односно дека цената ќе се движи од 350 до 500 денари за тегла во зависност од видот и дали се работи за органски мед.

Последниве години имаме многу мали приноси на мед. Покрај заканите за пчелите предизвикани од климатските промени, врз уништувањето на пчелите во голема мера влијаат и пестицидите и загадувањето. Затоа пчеларите секоја година водат битка да ги одржат пчелите во живот.

Во просек, едно пчелно семејство треба да даде околу 20 килограми мед. Последниве години ова количество е намалено на околу 12-13 килограми.

На ниво на Македонија има 7.000 пчелари, со околу 230.000-240.000 пчелни семејства. Од Сојузот на пчеларски здруженија на Македонија велат дека има услови за зголемување на пчелните семејства, а во прилог на тоа е и зголемената потрошувачка на мед во државата.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *