Годинава за првпат се воведува програма за поддршка на малите производители на храна преку која се обезбедува грант од 10.000 евра за набавка на опрема за производство, пакување и продажба од куќен праг или од фарма

Вести

Министерот Љупчо Николовски, денеска ги презентираше програмите за работа на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2023 година.  Меѓу другото, информираше и за новата програма за поддршка на малите производители на храна.

„Нова програма која од годинава за првпат ја воведуваме е програмата за поддршка на малите производители на храна преку која обезбедуваме грант од 10.000 евра за набавка на опрема за производство, пакување и продажба од куќен праг или од фарма.

Корисници на оваа програма се земјоделските стопанства запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства за Министерството кои се регистрирани или евидентирани како оператори за храна од животинско или неживотинско потекло во Агенцијата за храна.

Нашата цел преку оваа програма е да мотивираме нови 2000 земјоделци кои веќе произведуваат некој традиционален или локален производ да се регистрираат за продажба од праг и да можат легално да ги продаваат нивните производи но и да го развијат модернизираат и опремат своето производство.“, информираше Николовски.

Исто така министерот најави дека продолжува поддршката за малите семејни винарии, која се проширува со поддршка на малите дестилерии.

„Програмата за финансиска поддршка за малите семејни винарии ја продолжуваме и оваа година проширувајќи ја и со поддршка на малите дестилерии. На овој начин обезбедуваме грант од 10.000 евра за новорегистрираните семејни винарии и 5.000 евра грант како поддршка на малите дестилерии.
Корисници на мерката за поддршка на мали дестилерии можат да бидат земјоделци, мали производители на жестоки алкохолни пијалаци регистрирани во единствениот регистар на одобрение на мали производители на пиво,вино, етил алкохол и жестоки пијалаци евидентирани како акциски обврзници во царинската управа. Програмата за мали дестилерии, за мали семејни винарии е 15 милиони денари, програмата за мали производители на храна изнесува 35 милиони денари“, рече Николовски.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *