Повеќе од 15 тони зелка очекува да собере семејството Синанови од валандовско Калково. Тие не се единствените по валандовските ниви каде интензивно се собира родот кој годинава бележи рекордна цена. Откупувачите нудат и до 25 денари за килгорам. Синанов вели дека цената е добра, но родот годинава потфрлил.
„Многу сушна беше годината и затоа родот потфрли. Од цената сум задоволен. Лани беше 4 денари, годинава 24 денари, после 10 години пак така ќе биде.“ – вели Фалих Синанов- земјоделец од Калково.
Дека годинава добиле на премија тврди и Божинов од Јосифово чии трактори одеа на откупните пунктови. Тој вели дека треба стабилни откупни цени и редовен откуп ако сакаме да се зголемвуаат површините под зелка во валандовско.
„Оваа беше последна година. Најдобро да биде 15 денари од почеток до крај и секоја година да биде така.“ – вели Боне Божинов – земјоделец од Јосифово.
Мемедов од Калково не планира да ги зголеме површините под зелка. Вели дека догодина сите ќе засадат и понудата ќе биде двојно или тројно поголема.
„20-25 денари се качи годинава, задоволни сме од цената. Годинава имам 8 декари. Ако фаќа пари ќе сеам, ако не, само 3-5 декара ќе сеам.“ – вели Мемед Мамудов, земјоделец од Калково.
Зимската зелка најмногу се одгледува во валандовско гевгелискиот регион. Ја има на повеќе од стотина хектари. Лани производството скапуваше по нивите но годинава земјоделците имаа среќа. Трговците не сакаа јавно да зборувааат но потврдија дека имало огромен интерес од сите пазари.