Илиевски: Очекуваме да се издадат околу 3000 евидентни листови за околу 1700 хектари

Вести тутун

Тутунарите се подготвуваат за новата реколта. Најдоцна до 31-ви март, пред да склучат договори за откуп, мораат да го пријават новото производство за оваа година.

Пријавувањето се врши во подрачните единици на Министерството за земјоделство, каде што е местото на живеење на производителот, независно каде се наоѓаат површините со тутун.

Земјоделците треба да добијат евидентен лист со сите катастарски парцели на кои ќе садат тутун, според типови и количества кој ќе се внесува во регистерот на земјоделските стопанства.

Раководителот на Подрачната Единица во Битола, Методија Илиевски, уште од првиот ден е задоволен од динамиката на земјоделците, бидејќи на близу 200 земјоделци им се издадени евидентни листови токму денес.

-Очекуваме да се издадат околу 2800 до 3000 евидентни листови. Работното време ќе биде во две смени и тоа од 07:30 до 20:30 часот, за навремено да ги услужиме сите земјоделци, нагласи Илиевски за Современо Земјоделство.

И оваа година има благо зголемување на површината под тутун на територија на општина Битола, односно вкупната површина изнесува околу 1700 хектари.

– Повеќе од 100 хектари е зголемена површината под тутун во битолскиот регион. Сигурно една од причините е рекордно постигнатата цена за откуп, загарантираниот откуп, како и донесувањето на нов закон за тутун и тутунски производи што би значело подобрување на производството – додаде Илиевски за Современо Земјоделство.

Илиевски апелира земјоделците да не го чекаат последниот ден, навремено да го пријават производството под тутун, за да не се создаваат гужви пред завршувањето на рокот, а тоа е 29 март.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *