ИНТЕРВЈУ со Набил Ганџи, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија: ФАО е посветена на ефикасна поддршка на развојот и климатската отпорност на македонското земјоделство

Вести Интервју

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) е силен партнер на Република Северна Македонија од 1993 година. Соработката опфаќа широк спектар на области, вклучително земјишна политика и управување со земјиште, шумарство, развој на вредносни синџири во производството на храна, биосигурност и здравје кај животните, адаптација кон и ублажување на климатските промени. Постојан акцент се дава на развојот на секторските политики и институционалната поддршка, со фокус на усогласување на земјоделството и руралниот развој на земјата со стандардите на Европската Унија и Целите за одржлив развој.

Набил Ганџи, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија говори за поддршката на ФАО во Северна Македонија. Тој е одговорен за развојот и имплементацијата на Програмата на ФАО за земјата, поддржувајќи ја комуникацијата и соработката помеѓу ФАО, Владата на Северна Македонија и сите клучни национални и меѓународни партнери.

Г-дин Ганџи, вашата посета на Северна Македонија минатата недела, како заменик регионален
претставник на ФАО за Европа и Централна Азија и сега одговорен за Програмата на ФАО во земјата, ја
потврдува заложбата на ФАО во поддршка на земјоделството и руралниот развој на земјата. Според вас, кои се клучните прашања во земјоделството и безбедноста на храната во Северна Македонија кои треба да се адресираат во наредниот период?

 

-Ова е моја прва посета на Северна Македонија и особено ми е драго што имам можност да дадам придонес во надоградување на добро воспоставеното и долгогодишно партнерство помеѓу ФАО и македонската влада.

Земјоделството и производството на храна играат значајна улога во македонската економија, со 16 проценти придонес во бруто домашниот производ и вработуваат повеќе од една третина од работната сила. Сепак, секторот се соочува со неколку структурни предизвици, вклучително прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделски стопанства, што негативно влијае врз продуктивноста и ефикасноста на фармите, и оневозможува модернизација на производството и конкурентност во глобализираната економија.

Руралните заедници се соочуваат со ограничени инвестиции во земјоделска инфраструктура, напуштање на селата, отежнат пристап до пазарите, недостаток на можности за диверзификација на приходите како и на соодветни советодавни услуги во земјоделството, ограничени капацитети за одржливи земјоделски практики, деградација на земјиштето и ранливост на климатски промени што ја доведува до ризик безбедноста на храната.  Покрај тоа, неефикасното управување со шумските ресурси и недостатокот на точни податоци се клучни предизвици во македонскиот шумарски сектор, што ги попречува придонесите на шумите во националниот одржлив развој.

Последно, но не и помалку важно, достапноста на здрава исхрана за секого останува предизвик, заедно со загубите и отпадот на големи количини на храна, што бара координирано дејствување за трансформација на системот за храна и подобра координацијата низ вредносниот синџир на производство на храна.

Справувањето со овие предизвици, заедно со потребата за јакнење на капацитетите и системите на клучните секторски чинители, на национално и локално ниво, се основа за иден развој на секторот.

 

Кои се приоритетните области на поддршка од ФАО и можностите за следната програма?

 

Преку својата Програма за техничка соработка, ФАО ги става на располагање на Северна Македонија знаењето и техничката експертиза во согласност со националните приоритети, а во насока на усогласување на земјоделството и руралниот развој со барањата за пристапување кон Европската унија и со Целите на одржлив развој. Приоритетните области на тековната програма ФАО за периодот 2018-2020 година вклучуваат поддршка за: зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните заедници преку одржлив рурален развој, и одржливо управување со природните ресурси во услови на климатски промени.

Со поддршка од Европската унија, ФАО им помага на малите и семејни фарми да ги надминат проблемите со прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште, истовремено поддржувајќи го Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да развие оперативна Национална програма за консолидација на земјиштето. Со задоволство сакам да ги потенцирам најновите достигнувања во консолидацијата на земјиштето – успешната финализација на првите проекти во државата за консолидација на земјиштето во селата Егри и Конче, кои дефинитивно ќе послужат како пример за тековното спроведување на осум други проекти за консолидација на земјоделското земјиштето во земјата.

Подобрување на продуктивноста, зголемување на климатската отпорност на земјоделското производство и креирање на подобро информирани земјоделски политики во Северна Македонија сега е полесно благодарение на агро-еколошкото зонирање и воспоставениот агро-еколошки информативен систем со поддршка на ФАО. Во изминатите две години, ФАО ја поддржа Владата да дизајнира најсовремен систем за мониторинг на шумите прилагоден на потребите на земјата, што отвора можности за преземање на понатамошни чекори за подобрување на политиките и носењето одлуки за зголемување на придонесот на македонските шуми во националниот одржлив развој.

ФАО ќе продолжи да ја поддржува земјата во развојот на национална стратегија и систем за намалување на загубите и отпадот од храна, како и во креирање и усогласување на политиките за земјоделство и рурален развој со меѓународните и стандардите на Европската Унија.

 

Од 2019 година Северна Македонија и ФАО работеа на олеснување на инвестициите од Зелениот климатски фонд. Дали земјата е подготвена да пристапува до климатските фондови за да одговори на климатските промени?

Зелениот климатски фонд претставува нов партнер за Северна Македонија. Тој отвора нова перспектива за поддршка на земјата во справувањето со климатските промени и исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Парискиот договор, како и обврските за климатска акција во рамките на претпристапниот процес на Европската унија.

Во 2019 година, во рамки на првиот проект од Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка на Зелениот климатски фонд, ФАО работеше со македонската влада и голем број партнери на воспоставување на национален механизам, институционална рамка и процедури потребни за ефикасно пристапување до и искористување на средства од Зелениот климатски фонд.

На средбата со заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, како Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд, г-ѓа Царовска, минатата недела во Скопје, упатив честитки до Владата за постигнатиот успех во 2019 година и неодамнешното одобрување на вториот грант за подготвителна поддршка од Зелениот климатски фонд. Во наредните 18 месеци, ФАО ќе ги поддржи напорите на Северна Македонија да се финализира развојот на Национална работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни национални проекти и од јавниот и од приватниот сектор, за адаптација кон и ублажување на климатските промени во приоритетните сектори – земјоделство, шумарство, водни ресурси, енергетика, транспорт, отпад, биодиверзитет, здравство и културно наследство.

 

Неодамна слушнавме за нова иницијатива на ФАО насловена „Рака под рака“ (Hand in Hand). Како оваа иницијатива е релевантна за Северна Македонија?

 

“Рака под рака” (Hand in Hand) е нова иницијатива на ФАО која ги поддржува земјите со ниски приходи и земјите во развој во напорите за намалување на сиромаштијата, елиминирање на гладот и подобрување на исхраната преку поттикнување на транформацијата во земјоделството и одржлив рурален развој. Иницијативата нуди нов модел за иновации и инвестиции преку поттикнување на партнерства и вмрежување на ресурсите на јавниот, приватниот сектор и меѓународната заедница за поддршка на семејните земјодeлски стопанства да ја зголемат нивната продуктивност и приходите, за обновување на селата, за создавање на атрактивни можности за работа за младите и руралните жени, за зголемување на отпорноста кон климатските промени и за подобрување на условите за живот во руралните заедници во целина.

“Рака под рака” е иницијатива предводена од самите земји. Како земја во развој, опкружена со копно и ранлива на климатските промени со многубројни предизвици за руралното население, Северна Македонија може да има корист од Иницијативата преку градење партнерства на сите нивоа во општеството за остварување на Целите за одржлив развој. Ги поканив Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за животна средина и неколку клучни меѓународни партнери во Северна Македонија да се приклучат на Иницијативата и  очекувам да ја прошириме нашата поддршка за одржливо управување со природни ресурси, безбедност на храната и адаптација кон климатските промени во земјата.

Агендата 2030 станува главен фокус на глобалниот развој. Како ФАО ја поддржува Република Северна Македонија на патот кон одржлив развој?

Целите за одржлив развој ќе ги насочуваат националните развојни планови во наредните десет години и со задоволство ја забележувам ре-афирмираната заложба на македонската Влада за Агендата 2030 и тековниот процес на „национализирање“ на Агендата.

Од искоренување на сиромаштијата и гладот ​​до одговор на климатските промени и одржливо управување со природни ресурси – храната и земјоделството лежат во срцето на Агендата 2030 за Одржлив развој. ФАО е одговорна агенција на Обединетите нации за 21 индикатор на Целите за одржлив развој (ЦОР) и нашата програма во Северна Македонија е веќе усогласена со ЦОР. Како специјализирана агенција на Обединетите нации, ФАО останува посветена да ги поддржи тековните активности на Обединетите нации и на Владата на Северна Македонија за забрзување на напорите за постигнување на ЦОР.

На работната средба на агенциите на ОН минатата недела во Велес, со задоволство дадов  придонес на ФАО во идентификување на приоритетните области на делување на ОН во 2020 година и визијата на ОН за поддршка на македонската влада до 2030 година.

Земјоделството е главен економски сектор во Северна Македонија и клучен во борбата за намалување на сиромаштијата и гладот. Оттука соодветна и координирана поддршка за развојот на земјоделството треба да биде еден од приоритетите во новата програма на ОН за одржлив развој 2021-2025 годинa. Според принципот на ОН „никој да не биде заборавен”, преку соработка и комбинирање на знаење, ФАО е тука да ја поддржи Владата за спроведување на Агендата 2030.

 

Г-дин Ганџи, вие сте секретар на годинашната 32. сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа. Кои се главните очекувања од конференцијата и дали учествува Северна Македонија?

Регионалните конференции на ФАО се официјален форум каде што министрите за земјоделство и други високи функционери од сите земји-членки на ФАО, вклучително и Северна Македонија, се состануваат за да разговараат за предизвиците поврзани со храната и земјоделството, одредувајќи ги заедничките приоритети во регионот, со што се промовира регионалната соработка.

32. сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа и Централна Азија ќе се одржи на 5-7 мај годинава во Ташкент, Узбекистан, и драго ми е што имав шанса лично да го поканам министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Трајан Димковски да учествува. Регионалната конференција осигурува ефективност на работата на ФАО во служба на сите земји-членки и ќе ги дефинира приоритетните области на работа за следните две години. Главните теми ќе бидат состојбата на одржливите системи за храна и исхрана, младите и вработувањето во Европа и Централна Азија. Фокус ќе се даде на состојбата на малите и семејни земјоделски стопанства и потенцијалите за ревитализација на руралните области во регионот. Дополнителни теми ќе бидат иницијативата „Рака под рака“, пристапот “Едно здравство” (One Health) и безбедностa на храната.

 

Линк до интервјуто на англиски јазик:

http://www.fao.org/europe/news/detail-news/en/c/1260988/

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *