Кај велешко езеро „Младост” отворено првото инклузивно игралиште во земјата

Вести

Во близина на велешкото езеро „Младост” синоќа свечено беше промовирано првото инклузивно игралиште во државата, насловено „Парк на Срцата”.

Негова главна активност се две тактилни патеки и реквизити, соодветни на потребите на сите посетители, вклучително и за посетителите со ограничена мобилност и попреченост.

Проектот со околу 10 милиони денари го реализира Центарот за развој на Вардарски плански регион и Општина Велес, а е финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерство за локална самоуправа и Општина Велес. Игралиштето е дел од проектот „ИНКЛУЗИВЕН СМАРТ ТУРИЗАМ – рекреативни содржини и услуги за еднаков пристап до туристичката атракција Езеро Младост”.

Далиборка Златева претседател на велешкото Здружение на лица со церебрална парализа истакна дека потребата од едно вакво игралиште на овој локалитет беше голема.

– Јас премногу се радувам што еве конечно со помош на ЦРВПР финансиски поддржано од Швајцарската агенција за обнова и развој и Општина Велес се пушта првото инклузивно игралиште на овој локалитет и прво од ваков вид во Македонија, потенцира Златева.

Додаде дека на првата плажа на велешко се наоѓа и пристапна патека за вода, а за лицата со попреченост набавиле реквизити кои ќе им помогнат да им биде подостапна водата и подобро да се чувствуваат во неа.

Таа информира дека како невладина организација во период од една година ќе работат и ќе го менаџираат инклузивното игралиште и плажата.

Златева ги повика сите невладини организации од Вардарскиот плански регион и од цела Македонија да ги контактираат да дојдат тука и да се забавуваат и рекреираат нивните членови и да направат прекрасно дружење.

Воедно информира дека во тие активности во вода со нив ќе бидат и постојано ќе им помагаат спасителите од здружението „Македонски спасител” кои дежураат за време на викендите и празниците на првата плажа на велешко езеро „Младост.

Додаде дека воедно нивни партнери во оваа активност се и членовите на Сојузот на спортови на Велес.

Игор Андреев в.д.раководител на ЦРВПР од свечената бина до присутните истакна дека ова е голем исчекор напред во насока на социјална инклузија и создавање еднакви можности за сите, преку развој на нови содржини и за посетителите со ограничена мобилност и попреченост.

Како што информира градоначалникот Аце Коцевски рекреативните содржини кои ги нуди просторот на езерото „Младост”, вклучително и сите содржини кои се дел од проектот „СМАРТ езеро Младост – прва туристичка дестинација во Македонија” сега стануваат достапно за сите посетители, вклучително и за посетителите со ограничена мобилност и попреченост.

– Инклузивното игралиште „Парк на Срцата” не е само обичен парк кој ќе го ползуваат нашите најмлади сограѓани, туку тоа значи подигнување на свеста кај сите граѓани дека и лицата со попреченост треба да добијат можност и да се третираат еднакво со што го добиваат правото да функционираат во заедницата исто како и останатите граѓани, потенцира Коцевски.

Додаде дека Инклузивен Смарт туризам претставува подобрување на пристапноста и развој на инклузивноста преку воведување на нови рекреативни содржини и услуги и нивно интегрирање со постојните содржини во туристичката атракција езеро „Младост”. Целта е да се овозможи еднаков пристап за сите домашни и странски посетители.

Настанот беше збогатен со музички хепенинг на велешката група R’n’B Neighbours и со настап на познатата македонска група ДНК./МИА

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *