Календар на активности за месец јули – Градинарство

Вести Совети

Во месец јули продолжува грижата за градинарските култури кои се одгледуваат во оранжерии. Во слободниот простор кај некои култури, како тиквички, копар и др. може да се засади праз, целер, кромид и др. Топлотниот режим треба правилно да се регулира во полиетиленските оранжерии – само во ладни денови и ноќи треба да се затвараат вратите и проветрителите.

Кај раните сорти високостеблени домати, кога ќе бидат развиени 4-6 соцветија , се прекршуваат врвовите над последното соцветие (зглоб), но не непосредно до него, а се оставаат 2-3 листови. Од ова зависи раната зрелост кај овие сорти. На краставиците се отстрануваат сувите и болни листови за време на бербата. Растенијата треба на време да се наводнуваат и реколтата да се прибира на време.

Треба да се следи појавата на болести и штетници кај доматите. Против пламеница кај компирот се третира со соодветни фунгициди. При појава на пепелница и белокрилка кај краставиците се третира комбинирано со соодветни инсектициди и фунгициди. По садењето на зелката на отворено, задолжително треба да се следи појавата и веднаш да се третира против вошки и зелкина болва. Во овој месец вниманието е насочено кон доматите, пиперот, модриот домат и другите култури кои се засадени на отворено. Потребно е редовно наводнување, а кај пиперот после расадувањето привремено се прекинува со наводнување за да може растението да формира подобар коренов систем. Првото окопување на доматите, пиперот, модриот домат и другите градинарски култури помага за побрзо затоплување и аерација на почвата, што е од големо значење за забрзување на растот и развојот на културите. Прашењето ( окопувањето) се врши 7 до 10 дена после садењето.

Во овој месец овие култури треба да се прихранат со 15 – 20кг/ха азотно ѓубриво. Кај тиквиците и краставиците се прекинува со окопувањето кога нивните стебла ќе се разгранат и ќе го покријат меѓуредието. Долните, остарени листови треба да се отстранат. Во месец јули се врши сеење на доцните сорти зелка и карфиол. Најсоодветно време за сеидба е до
средината на месецот. Во втората половина од месец јули се сади и праз и тоа на мегуредово растојание од 25 до 30см и растојание од 15-20см во внатрешноста на линијата. Исто така овај период се сеат и моркови за касно производство, на меѓуредово растојание од 30 – 35см и сеидбена норма од 60 – 70гр. на 100метри квадратни. Во периодот од 5 -8 ми јули се подготвуваат леите за сеење на семето од касните сорти домати, а во периодот од 10 -15ти јули се подготвуваат леите за производство на садници од главесто зеље.
Семето за касните сорти на краставици се сее на постојано место во гнезда или во редови, во втората половина од месецот. Овој период се прибираат производите од раните сорти на зелка, краставици, тиквици.

 

„Современо Земјоделство“

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *