Крапски риболовен натпревар на Осломејско Езеро

Вести

На Осломејското Езеро од денеска до недела ќе се одржи крапски риболовен натпревар, што ќе трае непрекинато цели 72 часа.

На натпреварот ќе земат учество 14 екипи од кои две од странство, потврдија од риболовното друштво „Хантер Фиш”, кое е домаќин на натпреварот.

-Од денеска до недела на Осломејско Езеро ќе се одржи третиот спортско-риболовен натпревар на кој ќе земат учество 14 екипи од кои две од странство. Риболовниот натпревар ќе трае непрекинато 72 часа, по што ќе се добијат најуспешните екипи. Секоја екипа што ќе учествува на овој риболовен натпревар ќе мора да плати котизација за учество од 5.000 денари, а екипите ќе бидат составени од најмногу три члена или ќе можат да ловат со најмногу шест трски, истакна Бесмир Елези, претседател на риболовното друштво „Хантер Фиш”.

Ќе се лови на боила, жито и други мамки, а должината на трската не смее да биде поголема од четири метри.

-Подготвени се сите 14 боксови, каде што ќе бидат сместени екипите, а пред самиот натпревар ќе се влече која екипа на кој бокс ќе биде лоцирана, потенцира тој.

Од клубот најавија дека за овој натпревар наградите за најдобрите екипи ќе бидат двојно повисоки од претходно, а награда ќе има и за риболовецот кој ќе го улови најкрупниот примерок на крап.

-За овој натпревар предвидени се досега највисоки награди кои им биле доделувани на учесниците на еден натпревар одржан на Осломејско Езеро. Така трите најдобри екипи покрај пехари и медалји ќе освојат и 30.000 денари за прво место,18.000 за второ и 9.000 денари за трето место. За риболовецот што ќе го улови најкрупниот примерок на крап наменета е награда од 3.000 денари, прецизира Елези.

Тој потсети дека на претходниот натпревар, што пред неполни два месеца се одржа на истата локација, риболовците уловија најголеми количества на крап од било кој натпревар одржан последниве неколку години во земјава и нагласи дека деновиве во езерото се пуштени капитални примероци крап.

-За да биде натпреварот уште поатрактивен во водите се пуштени и примероци на крап тешки дваесетина килограми, што ќе го направи уште поинтересен и неизвесен, додаде Елези.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *