Кузманоски: Будно се следи состојбата со нивото на реката Црна

Вести

Будно се следи состојбата со нивото на реката Црна која беше причина за поплавите во Пелагонија во 2015 година. Според прогнозите, затоплувањето деновиве ќе донесе забрзано топење на снежната покривка, а веќе од утре се најавуваат нови врнежи од дожд.  Жителите на пелагониското село Новаци стравуваат да не се покачи нивото на Црна.

-Состојбата моментално е никаква, многу вода од топење на снегот. Треба да се прокопаат каналите. Може да има проблем на површините, Црна веќе почна да се полни од топењето. Има вода по нивите, велат жителите на село Новаци.

Од Општина Новаци велат дека засега водостојот на Црна е во рамките на нормалата, секојдневно се врши мерење на нивото.

-Со самото чистење на реката Црна после поплавите во 2015, сметаме дека нема да дојде до таква работа. Исто така и каналите во Општина Новаци од страна на водостопанското претпријатие „Битолско поле“ цела година се чистеа, и десетти канал и каналот кон Рибарци и кон Живојно. Доколку температурите се покачат и продолжат дождовите нормално дека се очекува и нивното на Црна да се покачи, но има простор од околу 270 сантиметри висинска разлика што сметам дека е доволно да не дојде до поплави, истакна Љубе Кузманоски, Градоначалник на Новаци.

Состојбата ја следат и од Дирекцијата за заштита и спасување Битола, според кои засега нема опасност од поплави во Пелагонија. Но, доколку се случи такво нешто, имаат зголемени мерки за подготвеност и оперативност.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *