Македонија забрани увоз на месо и добиточна храна од државите каде има регистрирано африканска свинска чума

Вести Совети Сточарство

Во Македонија нема присуство на болеста африканска свинска чума, уверуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Велат дека деноноќно ја следат состојбата на терен, а подготвени се за спроведување интервентни мерки во случај африканската чума да се појави во земјава. Поради појавата на блиски жаришта во соседството, Агенцијата ги зголемува безбедносните мерки и воведува забрана за увоз и транзит на свинско месо, производи од свинско месо и добиточна храна од земјите каде е утврдено присуство на болеста.

“Во моментов, нагласувам, во Република Северна Македонија нема појава на болеста африканска чума кај свињите ниту во фармите, ниту кај популацијата диви свињи. Африканската свинска чума не е болест која што е опасна за луѓето, но е високо заразна вирусна болест кај дивите и домашните свињи, која брзо се шири преку контакт со заболени свињи, производи од животинско потекло кои не се доволно термички обработени, контаминирани предмети и опрема”, објаснува Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Со цел заштита од внесување на вирусот во земјава, АХВ презема повеќе мерки, но и едукативни активности за одгледувачите на свињи. Постојано се проверува и контролира биобезбедноста на фармите, а домаќинствата кои одгледуваат свињи не смеат да ги пуштаат на отворено. Се врши и мониторинг на присуство на чумата кај дивите свињи, бидејќи тие се најчестите преносители на болеста.

Од АХВ апелираат граѓаните да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава.

“Во услови на зголемена фрекфенција на лица кои влегуваат и транзитираат низ земјава поради годишните одмори, АХВ ги извести царинските службеници за воведување дополнителни, засилени контроли на личниот багаж на патниците. Сето тоа поради внес на храна од животинско потекло, месо и производи од месо преку кои може да се внесе болеста во нашата земја”, вели Зоран Атанасов, директор на АХВ.

Африканската свинска чума се појавила во 2007 година во Казахстан, а во моментов е присутна во Бугарија, Романија, Унгарија и други држави од Источна Европа. Болеста предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, не се лекува и не постои вакцина за заштита.

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *