Македонска фирма почна да го произведува првото ладно цедено масло од афион

Вести

Пред точно една година Роберт Коцев и неговиот бизнис партнер Александар Димитриевски започнале да реализираат една бизнис идеја која неколку години наназад ја проучувале. Како резултат на голема желба и добро разработен бизнис-план се родила фабрика за производство на ладно цедено масло за јадење со иновативен процес на ладно екструдирање. Погонот на БИО ОИЛ е лоциран во индустриска зона, во општина Чучер Сандево, во месноста викана Бел Камен. Се работи за модерна фабрика со високи стандарди за производство на храна со сертификат за ХАСАП стандард.

„Уште на самиот почеток верувавме дека имаме капацитет да поставиме бизнис во кој основа за успехот ќе бидат семејната хармонија и позитивната енергија. Токму таквата енергија ни беше водилка во оваа исклучително тешка, но благородна мисија за да успееме да ја реализираме комплетната бизнис-идеја“, вели во интервју за Иновативност Роберт Коцев.

Фото: принтскрин/Youtube

Повод за ова интервју е нивниот најнов производ, ладно цедено масло од афион.

Од каде идејата за производство на афионово масло?

-Почнавме со ладно цедено сончогледово масло и кога добивме одлични резултати, масло кои ги исполнува највисоките стандарди според анализите, веднаш почнавме да размислуваме за нови производи. Бидејќи потекнувам од подрачје каде се одгледуваше афион и идејата за афионовото масло ни беше предизвик цело време. Клучен момент да се решиме на тој чекор беше добиената можност да набавиме суровина. Тоа беше мала количина колку да пробаме дали ќе успееме со нашата опрема, затоа што знаевме дека многу фабрики пробале но без успех. Не само што успеавме да направиме масло од афионовото семе, туку квалитетот ги помина нашите очекувања, а реакциите на нашите конзументи не охрабрија да продолжиме. Добивме совршен производ кој е вистинско богатство и е дефицитарно дури на светски рамки.

Како всушност се добива афионовото масло?

-Маслото го правиме со машина која работи на принцип на ладна екструдација на маслодајните култури. Се работи за современа машина од германско потекло, која е една од ретките што работи на споменитиот принцип на екструдација. Температурата на маслото во процесот на екструдацијата не се зголемува повеќе од 40˚С. На тој начин се задржуваат сите корисни состојки на афионовото семе кои итекако се корисни за човековото здравје. После екструдацијата со метод на природно гравитационо таложење се добива готов производ подготвен за консумација. Интересно е да напоменам дека од обезмастеното семе во процесот на екструдацијата направивме уште еден производ – намаз од афион. Направивме ексклузивен рецепт во комбинација со лути пиперчиња, нане и нашето ладно цедено сончогледово масло кое има улога на природен конзерванс без никакви хемиски состојки. За кратко време овој производ ги придоби симпатиите на нашите потрошувачи и стана многу популарен меѓу сладокусците и љубителите на здрава храна кој исто така има многу бенефити по човековото здравје.

No photo description available.
Фото: Facebook

Во минатото во Македонија се одгледувал афион. Од каде ја набавувате суровината за маслото?

-Афионовото семе го набавивме од реонот на Радовиш, мојот роден град. Ова подрачје има голема традиција со афионот така што векови наназад овде се одгледувало ова семе. Впрочем и првото масло на нашите простори се добивало од афионовото семе кое било познато како шарлаган (турски збор што значел „чисто масло“). Истото се добивало на примитивен начин на дробење на семето со камења, што е многу сличен процес кој го користиме ние, ама на современ начин. Инаку ова масло е атракција во светски рамки најмногу заради бројните анализи кои покажуваат дека афионот од нашето поднебје е најквалитетен на светско ниво. Ние си ветивме дека нема да ја расипеме оваа приказна.

May be an image of food
Фото: Facebook

Каде го продавате афионовото масло и за која целна група е наменето?

-Бидејќи спомнав дека имаме мала количина, афионовото масло го имаме во продавници за здрава храна, онлајн продавници, а исто може и ние да го доставиме до бараната адреса на барање на нашите консументи. Можат да се обратат на нашата ФБ-страница „Био Оил Вкусот на Сонцето“. Нормално настојуваме да ја шириме продажната мрежа и пред се бараме начин да го пласираме маслото во аптеките, зашто пред се таму и му е местото. Засега немаме голем капацитет за прозводство на ова масло. Првата пробна количина е само 50 литри, но со оглед на интересот, ќе продолжиме да го правиме.

Афионовото масло како ексклузивен производ е наменет за сите луѓе кои водат сметка за своето здравје. Бидејќи маслото има голема листа на здравстени придобивки најдобро е да се користи како превентива од серија заболувања на човечкиот организам а покрај тоа и како лек за истите болести. Научните истражувања покажале широк дијапазон на бенефитите од користење на афионовото масло и ќе набројам само дел нив зашто листата е стварно преголема.

Извор: inovativnost.mk

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *