Македонскиот земјоделско-прехранбен систем има потреба од дополнителни реформи

Вести

Неопходни се нови политики, правила и модел што ќе овозможат одржлив развој на македонското земјоделство и прехранбена индустрија.

Новиот систем треба да биде прилагоден на спецификите, локалните услови и потребите на секторот, но истовремено треба да ги вгради искуствата и позитивните практики од водечките светски развиени земјоделски системи, каков што е италијанскиот. Истовремено, новиот систем треба да биде дизајниран да одговори на сите акумулирани проблеми со кои се соочуваат земјоделството и секторот за произвдство на храна во земјава, со актулните предизвици предизвикани од Ковид-19 пандемијата и со влијанието на климатските промени кое и понатаму сѐ повеќе ќе се зголемува.

Ова се дел од заклучоците и клучните препораки од учесниците на конференцијата организирана од М6 Едукативниот центар, во партнерство со Амбасадата на Република Италија, посветена на градење отпорни и одржливи земјоделско-прехранбени системи на земјите од Западен Балкан.

Маурицио Мартина, поранешен министер за земјоделие на Италија, а сега специјален советник на генералниот директор на Организацијата за храна и земјоделство (FAO), ја започна конференцијата со илустрација на приоритетните мерки што треба се имплеменираат на глобално ниво за да се надминат предизвиците со кои се соочува индустријата за снабдување со храна на глобално ниво, под влијание на корона-кризата и климатските промени.

Амбасадорот на Република Италија во Скопје, Андреа Силвестри, го илустрираше италијанското искуство во земјоделскиот и прехранбениот сектор, кои се меѓу најразвиените во светот, а во италијанскиот БДП учествуваат со 15%. „Тајната” на успехот на овој систем се големите вложувања во зголемување на технолошкиот, иновацискиот и организацискиот капацитет на системот, со што се овозможува висока стапка на развој и извоз на храна кој достигнува и до 50 милијарди евра годишно. Тој модел се инспирира од принципот на висок квалитет, одржливост, почит кон локалното производство, биодивезитетот и иновациите во служба на традицијата и поднебјето, а се покажа дека е издржлив и во неповолните услови предизвикани од Ковид кризата. „Подготвени сме нашето искуство да го споделиме со Македонија”, додаде Амбасадорот.

Светозар Јаневски – претседател на „М6 инвестиции”, Стефано Вакари – генерален директор на Советот за истражувања во земјоделството и анализа на земјоделската економија (CREA), Горан Дамовски – тим-лидер во Проектот за регионален економски развој, Бобан Илиќ – генерален секретар на Работната група за регионален рурален развој во ЈИЕ (SWG), Ѓорѓи Петрушев – генерален директор на „Бимилк” и Елена Младеновска Јеленковиќ од М6 Едукативен Центар, се обратија во сесиите кои следеа потоа, говорејќи за состојбите, трендовите и потребата од трансформација на агро-секторот, како и за можните начини како таа да се направи.

„Во изминатите две децении во македонското замјоделство вложени се над една милијарда евра во форма на субвенции, а земјата секоја година увезува и до 90% од своите потреби за храна во вредност од над 700 милиони евра. Ваквата парадоксална состојба укажува на потребата од неодложна промена на земјоделскиот систем”, истакна Светозар Јаневски, наведувајќи ги проблемите со кои се соочува домашниот агро-сектор, како што се: раситнетото земјоделско земјиште, недостигот на работна сила и едуциран кадар, технолошката застареност, недоволната организација, несоодветните стандарди за производство, недоволно ефикасниот модел на субвенционирање и потребата за подобра контрола за начинот на користење на средствата, како и губењето на пазарите за пласман на производството.

„Неопходно е сите ние да преземеме лидерство и да почнеме да се менуваме и при тоа да го менуваме постојниот земјоделско-прехранбен систем кој не е доволно одржлив. Неопходни се големи вложувања во знаење и наука, во нови технологии и дигитализација, во организација, окрупнување на земјиштето и создавање ефикасни кооперантни односи, во нови правила, стандарди и механизам за државна поддршка на развојот на земјоделство. На тој начин треба да се зголеми продуктивноста и додадената вредност во земјоделството, неговата конкурентност и вредноста на извозот, како и наговата отпорност, почнувајќи од актуелните предизвици што ги наметна Ковид-19, како и на оние што се предизвикани од климатските промени”, истакна Јаневски.

Оваа конференција е втор настан организиран во рамки на платформата „М6 Чекор напред” на М6 Едукативниот центар и e дел од Проектот за храна, земјоделство и животна средина „ААА” (Alimentare, Agricultura, Ambiente) за развој на земјоделското производство, кој е инициран и организиран од Амбасадата на Италија.

М6 Едукативен центар

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *