Денеска на празникот Св. Трифун, со закројувањето на лозите и полевањето со вино, лозарите симболично ја означуваат новата сезона на производство.
„Северна Македонија е синоним за вкусно грозје, реномирани винарии и врвни македонски вина, кои се најдобрите македонски амбасадори во Европа и светот.
Имаме плодна земја која мајсторите на својот занает знаат да ја искористат. Лидери сме во искористеноста на ИПАРД Програмата, финансиска поддршка која ЕУ ја дава за македонските земјоделци и која ќе продолжи и во периодот 2021-2027 година, преку ИПАРД III, чиј буџет изнесува 97 милиони евра.“, напиша Бојан Маричиќ на својот фејсбук профил.
Според него македонското вино одамна е во ЕУ.
„Сите клучни закони од областа на земјоделство и храна ги имаме усогласено со европското законодавство и се врши нивно редовно изменување и дополнување во насока на доусогласување, што е потврдено и од страна на Европската комисија во годишниот Извештај. Почетокот на преговорите со Унијата значи подготовка за користење на сите предности кои ги носи членството, во областа на вино и храна.
Ќе бидеме дел од Европската економска зона и дел од единствен пазар меѓу државите членки на ЕУ, со што ќе се овозможат нови пазари и ќе се понудат нови можности за македонските производители.“, напиша Маричиќ.
Тој ветува дека македонските земјоделци ќе добиваат поголема поддршка и стабилност на пазарот. Пристапот според него, до значаен дел од фондовите на ЕУ, е многу поголеми од сегашните.
„Моделот на ЕУ ќе биде поттик за македонските земјоделство, бидејќи постојат механизми за поддршка на малите фарми. Важно е што ЕУ не го ограничува развојот и зголемувањето на производството, како што често може да се слушне во јавноста, туку напротив ја поддржува конкурентноста на производителите и воведувањето на стандардите на ЕУ, а во исто време инсистира на регионална соработка.Ќе регистрираме и заштитуваме традиционални македонски земјоделски производи. Македонската храна и вино ќе бидат 100% безбедни и сигурни и конкурентни на европскиот пазар. Го честитам празникот Св.Трифун на сите верници кои го чествуваат, а на лозарите им посакувам богата берба и квалитетно, врвно вино на европскиот пазар, што ќе е гордост за секој од нас. Нека е многу години.“, напиша Маричиќ.
