Мелничарите се заканија дека нема да откупуваат пченица

Вести

Домашните мелничари бараат решение на проблемите со брашното. Велат, нема да ја откупат пченицата од годинашната жетва која што се очекува да тежи 160.000 тони, доколку контролата на брашното што се увезува од Србија не почне да се врши во земјава.

Ја повикаа Владата да го врати стариот правилник кој беше во сила пет години. Сметаат дека треба да се почитува првичното решение- да се складира увезеното брашно, да се испитаат квалитетот и здравствена исправност на производот, а потоа да се лепат контролни маркички. Даваат рок до почетокот на жетвата, ресорот земјоделство да изнајде решение за да се спречи нелојалната конкуренција од северниот сосед. Велат- досега неконтролирано биле влезени 25.000 тони брашно.

Државата треба да претстане да ги штити интересите на увозниците на српско брашно, велат мелничарите. Според нив е загрозен опстанокот на речиси 40.000 македонски производители на пченица.

Во земјава има 20-тина мелници во кои се вработени речиси 3.000 работници. Доколку се остане на новото решение, маркичките да ги лепат српските фирми, мелничарите тврдат дека нема да бидат конкурентни со цените на пазарот, а некои од нив ќе бидат принудени да стават клуч на фирмите.

Агенцијата за храна и ветеринарство континуирано врши редовни контроли при увозот на брашно, не само од Србија туку и од другите земји. Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, е отворено за соработка со сите чинители во земјоделскиот сектор и на средба ќе бидат повикани и претставниците на мелничко- пекарската индустрија, велат во писмениот допис од ресорното министерство.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *