Менде Ивановски: Задругите се иднината на македонското земјоделство

Вести Интервју

Недостатокот на финансиски средства и слабиот пристап до кредити го наметнува прашањето како земјоделците најдобро можат да ги заштитат своите економски интереси. Решението треба да се бара во организирање на земјоделците во компании кои ќе овозможат заеднички да ги решаваат проблемите за кои не се доволно силни да ги решаваат индивидуално.

Менде Ивановски е претседател на македонската асоцијација на земјоделски задруги во државата. Воедно тој е претседател на управен одбор на земјоделската задруга „Ресгруп“ од село Волкодери, Ресен.

Ивановски за „Современо Земјоделство“ раскажа дека почетоците на оваа земјоделска задруга се од 2010 година, а стартот бил преполн со ентузијазам кај сите производители кои задругата ја формирале пред се поради безбеден пласман на крајниот производ, непосредно или со наоѓање на конкретен купувач.

-2010 година беше многу храбра година за мене и моите задругари. Преку проект на СНВ Холандија, ја формиравме задругата со 17 членови, производители на јаболка. Целта ни беше да собереме што поголема количина и да најдеме сигурен пласман. И тоа и се случи. Првата година имавме одлични финансиски резултати, истакна Ивановски.

Ивановски нагласи дека членовите на земјоделската задруга се еднакви и рамноправни – имаат еднакви права и обврски во одлучувањето по принципот еден член, еден глас. Ни откри дека уште од првата година имаат големи планови за изградба на откупно дистрибутивен центар, но досега не успеале да ја остварат таа желба и потреба.

-Ние имавме идеја заедно да направиме откупно дистрибутивен центар, и донесовме и одлука на собранието на задругата со тоа што дел од финансиите да бидат од задругата а дел кредит, и тој голем капацитет да го изградиме во Ресен. Во 2010 година и 2011 година активно работевме на овој проект, меѓутоа не успеавме да најдеме заеднички јазик со банките за да не кредитираат. Тоа е нешто што веруваме дека ќе се промени од оваа година, рече Ивановски.

Но и покрај пропаднатиот проект, тие како задруга не изгубија надеж, напротив, со заеднички сили, здружено купуваа репроматеријали и вештачко ѓубриво со многу пониска набавна цена и сите членови беа повеќе од задоволни.

-Ја посетивме Полска, Германија и Италија. Во овие развиени земји посетувавме земјоделски задруги и таму всушност ни станаа јасни многу работи, меѓу кои и најбитната – дека иднината на македонското земјоделство е во задругарството и дека само на тој начин земјоделецот може да има висок економски бенефит, истакна Ивановски.

Ивановски откри дека новиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски имал слух за сите нивни напластени проблеми, посебно за законот за одданочување, па се надеваат дека со заеднички разговори и со промените на законот кои ги бараат, ќе успеат да го олеснат одданочувањето.

-Нашата земјоделска задруга „Ресгруп“ од село Волкодери, брои 20 члена, со вкупно 130 хектари јаболкови насади и околу 5000 тона јаболка приноси или во пари околу 1 милион евра. Цената се движи различно секоја година, но кога би имале откупен центар каде јаболката ќе бидат складирани, цената секогаш ќе биде многу повисока. Во моментов, освен Епл Ланд кој откупува 4000 тона јаболка, се останати се складира  во сопствени складишта, а во Преспа има над 60 000 тона конзумни јаболка, рече Ивановски.

-Во тек е огласот за развој на Земјоделски задруги, каде се добиваат до 80.000 евра. Ние ќе аплицираме за сума од 100.000 евра, односно со 20% наше учество, за конечно да го изградиме тој собирно-дистрибутивен центар кој ни е премногу потребен. Ги поттикнувам и останатите веќе постоечки земјоделски задруги, да ја искористат оваа прилика и до 15 октомври да испратат своја апликација, нагласи Ивановски.

Тој додаде дека мора во Преспа да има складишни центри со современа технологија за чување и складирање на јаболка.

-Здружени ќе имаме најголем успех.  Убаво е да ги следиме светските трендови и моделите на земјоделските задруги. Имотот на задругата, треба да постане општествен доколку задругата се распадне. Така земјоделците ќе немаат страв дека некој од членовите ќе присвои за себе.  Но во секој случај, земјоделци-производители здружете се, само така ќе постигнете успех. Ако во цел свет, решението е токму тоа, зошто не и кај нас?, нагласи Ивановски.

Ивановски истакна дека Министертсвото за земјоделство заедно со Владата, како никогаш досега работат на зголемување на бројот на земјоделски задруги, и помагаат на веќе постоечките задруги.

-Министерството ви стои на располагање, исто и Владата на чело со посебната советничка за земјоделство Ленче Николовска. Затоа, не ги слушајте трговците кои ве убедуваат да не се здружувате. Напротив, време е да го направите првиот чекор, да аплицирате и да добиете 80.000 евра, истакна Ивановски.

Тој посочи дека токму сега со проектот од ЕУ се надеваат дека ќе се дојде до подобри законски и подзаконски решенија како и со грантовите кои ќе бидат доделени од страна на проектот, ќе се направат големи позитивни промени во земјоделството.

Пред крајот на разговорот ни откри дека во моментов, неговата задруга има преговори со американка компанија за 10 милионска инвестиција и уште еднаш ги нагласи придобивките од задругата преку која најлесно се преговара за полесен пласман на производот.

  • Заедничка набавка на репроматеријали со што се постигнува поголем обем на набавка,
  • Заедничка преработка на примарни производи,
  • Заедничка продажба на производи со што се постигнува поголеми количини кои се нудат, посигурен пласман и повисока цена,
  • Пониски цени на репроматеријали,
  • Повисоки цени на готов производ.

Во моментов, регистрирани земјоделски задруги во државата се 39, а од нив 6 не функционираат.

Покрај огласот за развој на постоечки земјоделски задруги, во тек е оглас за формирање на земјоделски задруги со минимум 10 земјоделци, со финансиска поддршка до 80.000 евра и рокот е продолжен до 12 ноември 2018 година.

Исто така во тек е и оглас од МЗШВ каде може да аплицираат постоечки земјоделски задруги со финансиска поддршка до 1.000.000 денари.

 

М-р Билјана Петровиќ за Современо Земјоделство

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *