Менде Трајковски: Со Земјоделската Задруга Нектар-Бт ќе спроведеме успешен агро бизнис – медот ќе се пакува и преку задругата ќе се пласира на пазарот

Вести Интервју Пчеларство Совети

Со развојот на земјоделските задруги се поттикнува модернизација на македонското земјоделство и зголемување на неговата конкурентност. Се овозможува здружување на земјоделските производители, со што им следуваат бројни економски и социјални придобивки на земјоделците.  

Менде Трајковски од Битола, е претседател на управен одбор на Земјоделска задруга Нектар-Бт.

Оваа земјоделска задруга постои од 2005 година, и е една од најактивните задруги во државата која успешно функционира.

Неодамна ЗЗ Нектар-Бт добија грант односно финансиска поддршка за постоечка земјоделска задруга заедно со уште други 8 постоечки и 8 новоформирани земјоделски задруги. Проектот е финансиран од Европската унија, а спроведуван од CARE Германија и Македонската развојна фондација за претпријатија. Оваа финансиска помош всушност ќе го поттикне развојот на задругарството во Република Северна Македонија.

-Со оваа финансиска поддршка ќе набавиме машини односно линија за изработка на восочни основи, линија за пакување на мед, за изработка на шеќерно медни погачи, млин за мелење на шеќер и машина за инвертиран сируп, истакна Менде Трајковски за Современо Земјоделство.

Трајковски потенцираше дека секоја година постојано се надоградуваат и надополнуваат заедно и со здружението Нектар кое постои од 1936 година, со голем континуитет и раст низ годините.

-Здружението во моментот брои 120 членови. Додека во задругата моментално сме 16 лица, сите искусни пчелари. Интересот е многу голем и оваа бројка само ќе расте во иднина. Заеднички ќе се надоградуваме секоја година а постојано сме на располагање со комплетна поддршка на пчеларството и на пчеларите од пелагонискиот регион, им нудиме услуги на сите пчелари и имаме одлична соработка. Нашите планови со земјоделската задруга се да спроведеме успешен агро бизнис односно сакаме медот да се пакува и преку задругата да се пласира на пазарот. Така ќе имаме поголема конкурентност, повисока цена и полесен пласман, односно конечно ќе го решиме пласманот на медот и пчелните производи, истакна Трајковски.

Здружението Нектар и ЗЗ Нектар-Бт постојано организираат саеми, манифестации, се во интерес за промоција на пчеларството и пчелните производи.

-Задругата веке има соработка со земјите од региoнот и започнати се активности за обезбедување на пласман и заеднички мерки и соработка за реализација на проекти, нешто што ќе се промовира во иднина како една од приоритетните цели на задругата-соработката со регионот и со слични задруги како нашата, рече Трајковски.

Трајковски ги повикува сите заинтересирани да дојдат и да се приклучат бидејки иднината е во задругарството, гледајќи ги искуставата од европските земји.

-Очекуваме да ни се приклучат нас или сами да пристапат кон здружување и формирање на нова задруга и да ги искористат бенефитите кои за прв пат ги дава оваа Влада и МЗШВ.  Придобивките се огромни. Здружени во задругата и со набавката на машините е супер шанса за нас, но ако не бевме здружени немаше да добиеме ваков проект и ваква финансиска поддршка. Повеќето пчелари се со мал капацитет и како се обединуваме заедно, ќе бидеме интересни за пазарот во врска со пласманот на медот и останатите пчелни производи. Не се приморани пчеларите секој поединечно да формира фирма, и токму затоа е многу полесно за сите, истакна Трајковски.

Дополнително, преку здружувањето во задруги, земјоделците можат полесно да аплицираат за финансиска поддршка преку програмите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, наменети за земјоделство и рурален развој, како и друг вид на поддршка што им е достапна на земјоделските задруги преку ИПАРД Програмата.

-За првпат после 5 години, се реализира Мерката 131 „Економско здружување на земјоделски стопанства за заедничко вршење на земјоделска дејност“, во рамки на Програмата за рурален развој за 2018 година. Оваа мерка опфаќа неколку подмерки и видови на поддршка, со што дополнително ќе се поттикне формирањето за земјоделски задруги и нивното функционирање. Новите задруги се модерни, базирани на демократски принципи и преку нив, земјоделците, својот краен производ полесно ќе го пласираат на домашниот и странскиот пазар- изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски.

Организирањето на земјоделските производители и заедничкото делување во земјоделски задруги е несомнено еден од најефективните начини за подобар пристап до инпути, финансии, информации и пазари. Земјоделските задруги им овозможуваат на производителите да остварат економски придобивки кои инаку не би можеле да ги постигнат сами. Групите на земјоделски производители ја подобруваат преговарачката моќ, ги намалуваат трошоците преку здружување на капиталот и ресурсите и овозможуваат подобар пристап до некои услуги, како што е маркетингот, кои се потешко достапни за поединците. Земјоделските задруги овозможуваат заедничко решавање на проблемите, развивање на нови пазарни можности или проширување на постојните пазари.

М-р Билјана Петровиќ

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *