Методија Илиевски: Успехот на МЗШВ ПЕ Битола е резултат на добра организација и тимска работа

Вести Интервју

МЗШВ ПЕ Битола скоро 2 години е под раководство на М-р Методија Илиевски. Современо Земјоделство разговараше со него, за сите активности кои успешно се спроведуваат под неговото кормило.

Илиевски е еден од помладите генерации кој претставува актуелна личност која ја гледаме во јавноста. Но, неговата одлука која му претставува приоритет во следниот период е грижата за онаа најмасовна група на луѓе во околината, а тоа се земјоделците.

1.Скоро две години сте раководител во ПЕ Битола во МЗШВ. Кои промени ги направивте за подобрување на човечките и техничките капацитети?

-Да, две успешни години се веќе зад нас. Уште од самиот почеток ги увидов условите и начинот на кој се работи во подрачната единица, па веднаш започнав со воведување на нови методи на работа. Обезбедена е уште една канцеларија која  е опремена со нови  три компјутери. Со проширувањето е олеснат начинот на работа: од една страна е намален стресот и нервозата кај вработените , а од друга страна го намалуваме чекањето на странките и нудиме подобра услуга. Се отворија нови дисперзирани канцеларии во општините Новаци и Могила. Со отворањето на овие канцеларии ги намаливме гужвите кои се појавуваат во периодот за пријавување на субвенциите, а исто така им заштедуваме и време да не доаѓаат до Битола. Во однос на работата, постојано сме или на терен или имаме состаноци со здруженијата на земјоделци со кои разговараме за нивните проблеми доколку ги имаат или чисто информативно подетално да се запознаеме за да ја подигнеме соработката на повисоко ниво. Имам контакти и со земјоделски производители, често разговараме со нив за состојбата во која се наоѓаат и за мерките кои треба да се превземат од страна на владата, за подобрување на статусот на земјоделците.

2. Од здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ минатата година добивте признание за Проширување и осовременување на техничките простории и капацитети на МЗШВ ПЕ Битола со отворање на дисперзирани канцеларии во општина Новаци и општина Могила. Убаво е што некој го вреднува Вашиот труд.

-Да, им благодарам на целиот тим од здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“, признанието навистина ми значи, затоа што всушност ми дава поттик да продолжам со позасилено темпо, да бидам меѓу земјоделците, да помогнам, да се направи професијата земјоделец достојна и вредна за почит. Земјоделски здруженија се потребни затоа што всушност тие претставуваат  мост помеѓу институциите и земјоделците, и полесно може да се решаваат проблемите доколку ги има, или да се добијат нови идеи и поддршка за работа.

3. Оваа година заслужено го оправдавте тоа признание, субвенциите се пријавија навремено, без редици и во рокот…

-Токму така, поднесувањето на субвенции поминаа во најдобар ред, нашата целокупна организација со канцелариите во Битола, Могила и Новаци, успешно не означија како една од најдобрите подрачани единици во државата. Поднесени се скоро 5000 апликации, со зголемена бројка во споредба со минатата година, така што тоа ни е показател дека земјоделството во Пелагонискиот регион е во нагорна линија.

4. Кои се Вашите визии и планови со пелагониските земјоделци?

-Земјоделците треба секогаш да бидат на прво место, затоа, заедно со Владата, со ресорното министерство, ќе направиме реформа во аграрот што подразбира земјоделците и земјоделското производство конечно да го добијат местото кое го заслужуваат, а тоа е стратешка стопанска гранка. Пред нас претстои период на многу работа, активности и најбитно – резултати. Земјоделците се столбот на државата. Да решите проблем на еден земјоделец или да го насочите на прав пат,  за нас е само дел од работата додека за нив елиминарање на пречката која им се појавила во остварувањето на целите, а тоа е голема работа. Функцијата раководител не е воопшто лесна функција бидејќи секојдневно сте опкружени со личности кои имаат различни проблеми кои некои ги влечеле и години наназад. Тука сум да ја тргнам загриженоста од нивните лица и да им дадам поддршка во патот за кој тие се одлучиле.

5. Што се може да се истакне за овој изминат период? Кои позитивни мерки можете да ги потенцирате?

-Земјоделците од новата влада добија прво стопирање на негативниот тренд и полека но сигурно подобрување на состојбата и профитабилен агробизнис. Се воведоа стратешки мерки меѓу кои и воведувањето на поефтина нафта за земјоделците, популарно наречена „зелена“ нафта, која минатата година беше субвенционирана 30%, оваа година 50% а за неколку години ќе биде и 100%. Потоа се направија голем број на инвестиции во системи за наводнување, поддршка на пласманот на земјоделските производи, редовна исплата на субвенциите, а формиравме и комисија за ревизија на распределбата на државната земјоделска земја за да ја вратиме земјата во рацете на вистинските земјоделци, особено сточарите. Планираме да направиме реформа во аграрот со што ќе овозможиме и нови вработувања особено на младите. Ќе ги продолжиме проектите како „Млад земјоделец“, рурален 50-50 за обновување на механизацијата, инсистираме на окрупнување на земјоделското земјиште за поконкурентно земјоделство, како и многу други мерки за кои ќе информираме навремено.

6. Со кои методи, според Вас, ќе се зголеми земјоделското производство?

-Методите ќе бидат насочени кон овозможување на конкурентно земјоделско производство. Поефтини репроматеријали, сигурен пласман и услови за стопанисување кои ќе ги создава Владата на РСМ. Сите знаеме дека Пелагонија е најголема житница во Македонија на кои сме горди и продолжуваме со исто темпо со напори да го подобриме пласманот на житните култури. Тутунопроизводителите ни се тука кои моментално се водат за најстабилната група на земјоделци. Она што нас не мачи во последен период е сточарството. Имаме нагло опаѓање на бројот на овци на ниво на цела Македонија. Сточарите повеќе пати беа повикани на разговор за да можеме да го решиме овој проблем со цел да не го загубиме препознатливото  овчо бело и биено сирење, а и да пронајдеме некое решение за јагнето кое е со висок рандман на искористување. Во следните години Пелагонија ја гледам како област која ќе располага со висококвалитетни култури, ќе се посветиме на органското производството каде веќе нудиме и до 100% зголемени субвенции, а се надевам дека ќе разбудиме желбата кај младите во поглед на земјоделството.

7.Кој совет би им го дале на сите земјоделци?

-Во овој момент единствен совет што сакам да им го дадам на земјоделците е да не се откажуваат од своето производство, да веруваат дека ќе биде подобро и дека заеднички ќе помогнеме не само за враќање на нивното достоинство туку и на зголемување на домашното производство на храна кое е и тоа како потребно за доброто на целата држава.

Во денешно време сите млади се едуцирани и мислат дека нивната  работа е во некоја институција. Јас би рекол основајте свој бизнис. Спојот на високото образование и земјоделството,секогаш резултира со успех.  Европа нуди толку многу финансии кои е жално да не ги користиме. ИПАРД програмите се тука – аплицирајте. Секојдневно објавуваме повици и огласи за државно земјиште под закуп, кои можат паметно да се искористат за започнување на нова работа. Проектите за рурален развој, да го обновиме животот во селата, да ги направиме селата туристички места… имаме толку многу планови за работа.

Целата ситуција со Ковид-19 само ни потврди дека земјоделците се нашите херои, светот може без се, само без храна не. Руралниот развој и туризам сами се искачија на приматот, и многу луѓе кои ги познавам направија миграција град-село што многу ме радува.

За крај да ги потсетам сите земјоделци кои имаат склучено осигурителна полиса, до 31 август да се обратат во нашите канцеларии за аплицирање за субвенции за осигурување, Исто така, пристигнати се сите пинови од картичките за зелена нафта, така што секој кој го има загубено пинот од минатата година да дојде кај нас за да го подигне и да може да си ја искористи бесплатната нафта.

 

8. Сосема за крај и едно приватно прашање. Неодамна Ви се роди син, станавте татко. Ви упатуваме честитки, и сакаме да Ве прашаме дали и како татковството го смени вашиот личен животен став?

Мојот став секогаш бил-фамилијата пред се и над се. Но никогаш, пред да се роди мојот син, не сум почувствувал такви емоции кои неможат со збор да се опишат. Едноставно треба да се доживеат, затоа им посакувам на сите да го осетат тоа чувство. Животот преку ноќ ми се смени, секако во позитивна насока. Многу сум среќен бидејќи наутро кога заминувам на работа ме испраќа неговиот поглед и бебешка насмевка и исто така ме пречекува после работните обврски. Слободното време го користам за прошетки со количката заедно со мојата драга сопруга.

 

М-р Билјана Петровиќ

ЗЗ Современо Земјоделство

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *