Министерот Николовски: Во рок од две недели повиците за земја ќе бидат обновени и ќе бидат прoширени за повеќе региони

Вести

Во интервју за МИА министерот за земјоделство Љупчо Николовски одговара и на прашањето околу поништените договори за земја и за промените во земјишната политика.

За средување на земјишната политика имаме пет милиони евра. Преку проектот за модернизација на Светска банка што како концепт го правевме во 2017 и 2018 година, обезбедени се пет милиони евра. Со тие средства земјишната политика ја средуваме еднаш засекогаш. Што значи тоа? Може да значи и формирање нова агенција за земјишна политика, зашто е неопходно системско институционално поврзување на Министертсвото со Агенцијата за катастар, со Платежната агенција, за на телефон, преку апликација, да ги имаме сите податоци и информации, вклучувајќи почвени карти и ортофото снимки.

Мислам дека постапките во овој сегмент се најзаостанати. Тој дел најавувам дека вистински ќе го реновираме.

До крајот на февруари ќе се направи преглед на сите склучени договори и на целокупното слободно земјоделско земјиште. Во вторникот беше задолжен Државниот инспекторат за земјоделство да направи контроли по основ на сите повици, огласи и склучени договори во претходниот период. Ги сублимираме и сите предлози за измени на легислативата во овој поглед.

 

На последните огласи за доделување земјоделско земјиште се достигнати цени како никогаш досега. Неколку пати се зголемени и сега, за новите огласи кои би ги имале годинава, се зема просекот од последните три години.

Од ВМРО-ДПМНЕ имаше реакции на поништувањето на двата јавни повика пред да станам министер. Јас целосно ја оправдувам таа постапка зашто прво, беа констатирани неправилности, има кривични пријави, а целиот материјал е доказен во соодветни постапки на институциите. И кога тие покренале постапки од различни причини за тоа како комисиите и луѓето кои се во комисиите ги вршеле постапките, ние немаме друг избор, освен да ги поништиме и да бидат повторени. Земјоделците нема да бидат оштетени, туку напротив, најавувам дека во рок од две недели овие повици ќе бидат обновени и ќе бидат прoширени за повеќе региони.

Контроли за користењето на даденото земјоделско земјиште постојано се вршат. Секаде каде што ќе се воочат неправилности и се стигнати предлози за раскинување на договори, ние тоа сме го направиле. Од 2017 до 2019 година се раскинати договори за неколку илјади хектари.

Последната недела се склучени 900 договори за доделување земјоделско земјиште.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *