Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство домаќин на висока делегација од Република Црна Гора – Хоџа: Имаме многу полиња за соработка, ќе почнеме со реализација уште денеска

Вести

 Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство беше домаќин на висока делегација од Република Црна Гора, предводена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Црна Гора, г-дин Александар Стијовиќ.

На средбата беа дефинирани идните активности за продлабочување на соработката и остварување на  многу заеднички цели кои не поврзуваат за исполнување на земјоделски, водостопански, фитосанитарен, хидрометеоролошки, економски, културен и историски развој.

„Како земји кои во минатото припаѓаа на иста држава, време е да ги обновиме релациите и да ја интензивираме соработката особено во делот на трговската размена меѓу двете земји која се одвива континуирано без поголеми проблеми во делот на царинските и фитосанитарните служби.

Во областа на здравствената заштита на животните, фитосанитарната заштита и здравје на растенијата, во следниов период ќе ја интензивираме соработката, особено во делот на заеднички проекти за аплицирање за меѓународна поддршка. Нашите две земји досега немале ниту еден ваков заеднички проект.

Исто така, досега нашите две земји немаат потпишано билатерален договор за соработка во областа на водостопанството.  На денешниот состанок покренавме иницијатива за отпочнување преговори за потпишување на прв ваков билатерален договор, во кој ќе се предвиди научно-техничка соработка и размена на експертски искуства“ изјави министерот Хоџа.

Ова е прва средба на двајцата министри за земјоделство, која силно ќе допринесе за унапредување на билатералната соработка помеѓу нашите држави.

„За некои работи вие сте пред нас, а за некои Црна Гора има напревено повеќе од вас. Токму затоа сметам дека продлабочувањето на соработката ќе биде од голем интерес за двете држави. Ќе влијаеме на подобрување на животот особено во земјоделскиот сектор и ќе размениме искустава секој во полето во кое е подобар, за да можеме да влијаеме на вкупната економија, да ја зголемиме трговската размена, да ги унапредиме состојбите во фитосанитарниот сектор, водостопанството, хидрометеорологијата и се она кое има силен имапкт врз развојот на земјоделството во двете држави“ изјави црногорскиот министер Стијовиќ.

Во областа на хидрометеоролошките активности остварена е одлична соработка, во рамки на проектот „Адаптација на климатските промени,  прекугранично управување со ризикот од поплави во Дримскиот слив“ кој е подржан од Германското министерство за економска соработка и развој. Ова е голем  регионален проект во кој се вклучени хидрометеоролошките служби од Албанија, Косово, Црна Гора и Северна Македонија. Главна проектна цел е подобрено управување на ризикот од поплави во Дримскиот Слив и имплементација на ЕУ Директивата за поплави. Во фаза на имплементација е и проектот „Управување со поплави и ризици од поплави во Дримскиот слив“  кој се спроведува во Црна Гора, Албанија и Република Северна Македонија, финансиран од страна на глобалниот Фонд  за Адаптација, спроведуван од страна на Програмата за Развој при Обединетите Нации (УНДП).

Во склоп на посетата, денеска во просториите на МЗШВ се одржаа првични работни состаноци помеѓу делегацијата на Република Црна Гора и директорите на  македонските Aгенции и Управи: Агенцијата за храна и ветеринарство,  Платежната агенција, Управата за водостопанство, Управата за хидрометеоролошки работи и Управата за фитосанитарна политика.

Двајцата министри се согласија дека во следниот период на министерствата им претстои многу работа со цел билатерално унапредување и заеднички развој на нашите пријателски земји.

Министерот Хоџа упати благодарност до црногорскиот министер Стијовиќ, за укажаната чест и доверба за покренување на иницијативата за чекор напред во меѓународната соработка, особено во областите во кои досега не сме имале никаква соработка.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *