Министерство за економија: Трговскиот дефицит во делот на храната е најголем кај месото и месните производи, млекото и млечните производи и животинските и растителни масла

Вести

Од Министерството за економија потсетуваат дека за ублажување на ситуацијата со глобалната прехранбена криза согласно Законот за трговија досега беа преземени мерки на ограничување на цените, мерки за ограничување на трговската и профитната маржа во трговијата на големо и мало и мерки на забрана за извоз на одделни производи.

-Сите овие мерки се однесуваа на основните прехранбени производи. Најнови преземени мерки за ублажување на ситуацијата се: Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки со која се определи највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи, Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со која се забрани извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица, Одлука за ограничување на извозот на одделни стоки со која се забрани извозот на огревно дрво, пелети, брикети и друго необработено дрво, како и Одлука за укинување на увозната давачка-царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење, велат од Министерството за економија.

Оттаму се осврнуваат и на надворешно трговската размена, но и нагласуваат дека во услови на недостиг на храна, не може да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе.

-Статистичките податоци покажуваат дека сме нето увозници, но со оглед на географската структура на нашиот увоз кој претежно се врши од ЕУ, од земјите од регионот (ЦЕФТА), Турција, Украина и Обединетото Кралство со кои имаме склучено преференцијални договори за слободна трговија, во услови на недостиг на храна, не може да се доведеме во ситуација да нема од каде да увеземе. Доколку се погледне вкупната надворешно-трговска размена во делот на храна, ќе се види дека Република Северна Македонија е нето увозник при што увозот е двојно поголем од извозот. Трговскиот дефицит во делот на храната е најголем кај месото и месните производи, млекото и млечните производи и животинските и растителни масла. Суфицит се остварува само кај зеленчукот, овошјето и конзрвираниот зеленчук и овошје. Најголем увоз во делот на храна, повеќе од 50 отсто, се остварува од земјите на ЕУ. Потоа се земјите на ЦЕФТА, најмногу Србија, посочуваат од Министерството за економија.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *