МЗШВ и производителите на јаболка се договорија, за една недела ќе подготват заеднички предлози

Вести

Денеска во Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, се одржа работен состанок со производителите на јаболка од преспанскиот регион. На состанокот, се разговараше за актуелната состојба со откупот на јаболка, барањата на производителите на јаболка и мерките што ги презема МЗШВ за оваа гранка.

Во однос на барањата од страна на производителите на јаболка кои се однесуваат на исплата на основната субвенција за одржување на овошни насади до крајот на март и исплата на дополнителната субвенција од 3 денари од Програма за 2018 до 30 –ти јуни, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека овие барања ќе бидат исполнети, бидејќи истите се врзани и со законските рокови за исплата.

Во врска со барањето на овоштарите за продолжување на дополнителната мерка од 3 денари за предадено индустриско јаболко до крајот на јуни годинава, претставниците од МЗШВ и јаболкопроизводителите се договорија во следните денови да се направаат сите анализи и пресметки и до 1-ви март да се донесат конкретни предлози и да се дизајнира мерка со која што ќе се амортизираат загубите на овоштарите и ќе се реши пласманот.

„Знаеме дека овоштарите се наоѓаат лоша состојба, причината е што има големо производство, а и странските пазари се соочуваат со вишоци. Затоа, денеска се договоривме заеднички да направиме анализи како таа мерка да ја дизајнираме и истата да придонесе за амортизација на загубите и секако за решавање на пласманот. До 1-ви март ќе излеземе со заеднички предлози и мерката би се донесла после претседателските избори, бидејќи сега сме ограничени за менување во годишната програма поради предизборниот период. Во врска со времената мерка што заврши на 25 декември лани, калкулациите беа тие 3 денари по килограм за предадено индустриско јаболко, да се трансформираат во субвенциите по хектар. Затоа во новата Програма за 2019 година, субвенциите за одржување на насади се зголемени од 39.000 денари по хектар на 50.000 денари, со тоа што имаат дополнителни 15% за подрачја со ограничнеи можности над 700 метри надморска височина, а Ресен влегува во таа категорија, и таа субвенција за развојните категории достигнува 57.500 денари по хектар. Тоа е прифатено и поздравено од овоштарите“, изјави шефот на кабинет на МЗШВ, Трајан Димковски.

Претседателот на работната група на овоштарите, Менде Ивановски изјави дека состојбата на терен е лоша, но дека се задоволни што има разбирање за решавање на нивниот проблем од страна на МЗШВ.

„Денеска најдовме разбирање од МЗШВ и претставниците од МЗШВ не сфатија дека нашиот проблем е голем и дека треба заеднички да го решиме. Се договоривме во следните денови да имаме интензивни разговори и до 1-ви март да излеземе со конкретни предлози. Тогаш ќе дојдеме до едно решение како да опстојат овоштарите. Во овој момент се откупува мала количина од  околу 200 тона на ден и претежно извозот оди за Русија,  Ирак и  Бугарија“, изјави Ивановски.

Ефектите од дополнителната мерка од 3 денари за килограм индустриско јаболко што се воведе со Програмата за директни плаќања за 2018 година се видиливи, досега се откупени 45.000 тони индустриско јаболко, а претходно во просек се откупуваше од 15.000-20.000 тони, што значи дека мерката дава ефект. Од овие 45.000 тони, околу  15.000 тонис се за домашен пазар, а остатокот е извезен.

Во делот на пласманот Димковски посочи дека МЗШВ интензивно работи на изнаоѓање на нови пазари за јаболкото но и за другите земјоделски производи и дека се во тек преговорите за извоз на македонското јаболко во Египет. А, дополнително во однос на промоцијата на земјоделските производи, во новата Програма за рурален развој, субвенцијата за поддршка за учество на домашни и странски саеми е зголемена од  400.000 евра на 1 милион евра.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *