МЗШВ ја следи состојбата со откупот на грозјето и откупните цени

Вести Лозарство

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, континуирано ја следи состојбата со откупот на грозјето и откупните цени. Во овој период се врши берба и откуп на висококвалитетните сорти на грозје, од втората половина на месецов започнува бербата на вранецот, а при крај на месецот започнува бербата на смедеревката.

Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, со цел да има непречен откуп на грозјето.

МЗШВ изминатиот период одржа состаноци со винарските визби и со здруженијата на лозари, со цел да се најде взаемно решение за годинешната откупна цена на грозјето.

На последниот состанок со винарниците се дадоа предлози и идеи, како да им се помогне и на лозарите и на винарците. Предложивме на партнерски основ- откупната цена да биде 11 денари за килограм вранец и 9 денари за килограм смедеревка, при што Владата ќе интервенира со четири денари субвенција, за да може да се постигнат ланските цени, односно 15 со 13 денари. Воедно, се размислува да има и субвенција за висококвалитетните сорти грозје, што би била за првпат воведена годинава.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како и секогаш има партнерски однос со лозарите и отворената комуникација ќе продолжи и во следниот период, и е отворено за сите предлози. Во тој контекст, МЗШВ ќе организира состанок и со здруженијата на лозари, со цел да ги кажат своите предлози и да се донесат мерки и решенија коишто ќе бидат прифатливи и за лозарите и за винарниците.

Оваа година е специфична и тешка поради состојбата со пандемијата предизвикана од вирусот КОВИД 19, и затоа како МЗШВ и Владата на РСМ, ќе преземат се што е потребно, за да се ублажат негативните последици од здравствената криза врз производството на грозје и вино.

Share

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *